ГРАДЕЖНИОТ ИНСТИТУТ ЌЕ ПРАВИ ПРОЦЕНКА НА ФАСАДАТА НА МЕПСО ШТО ЈА ОТКОРНА ВЕТЕР ЗА ШТО „БЕТОН ШТИП“ НАПЛАТИЛ 11 МИЛИОНИ ЕВРА

    ГРАДЕЖНИОТ ИНСТИТУТ ЌЕ ПРАВИ ПРОЦЕНКА НА ФАСАДАТА НА МЕПСО ШТО ЈА ОТКОРНА ВЕТЕР ЗА ШТО „БЕТОН ШТИП“ НАПЛАТИЛ 11 МИЛИОНИ ЕВРАОткорната е фасадата од една страна на зградата во делот каде се наоѓа службениот паркинг,парчиња од стиропорот висат и можат во секој момент да паднат, откорнати се клими и оштетени возила - (Фото: К. Попов)

    Градежниот институт на Македонија ќe прави анализа дали треба да се менува целата фасада во стилот на „Скопје 2014“ на деловната зграда на АД МЕПСО откако синоќа ветерот го однесе стиропорот од едната страна на зградата. Директорката на МЕПСО Ева Шуклева на прес-конференција рече дека сѐ уште не се знае колкава е штетата и дека во моментов осигурителната компанија прави проценки.

    “Откорната е фасадата од една страна на зградата во делот каде се наоѓа службениот паркинг. Парчиња од стиропорот висат и можат во секој момент да паднат, откорнати се клими и оштетени возила. МВР направи записник, се вршат проценки за штетата. Правиме комплетна ревизија на објектот да видиме што не е сработено. Откако ќе заврши и анализата на Градежниот институт ќе знаеме дали цела фасада ќе ја менуваме”, рече Шуклева.

    Изведувач на градежните работи за реконструкција на зградата и поставување енергетско-ефикасна фасада е фирмата „Бетон Штип“ која сега е во стечај. За овој проект „Бетон Штип“ доби околу 11 милиони евра.

    Шуклева кажа дека не се завршени и други обрвски за реконструкцијата, поради што активирана е банкарската гаранција пред фирмата да оди во стечај.

    “Колку квалитетно се работело можете да видите самите. Правеле енергетско ефикасен објект, а 6 месеци не можевме струја да изгасиме и сметките ни се за 40 отсто повисоки” рече Шуклева.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари