Градежни активности веќе неколку месеци се одвиваат на катната гаража „Млин Балкан“. Со градежни машини се вршат интервенции на фасадата, односно отворите се затвораат. Од Здружението на граѓани „Здравје пред профит“ стравуваат дека и на овој објект во центарот на градот, може да му се случи истото како на катната гаража „Зебра“ која се пренамени во деловен простор. Од Здружението велат дека неколку пати испратиле барање до градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ да им објасни какви градежни работи се одвиваат на објектот, но немаат никаков одговор.
„Баравме појаснување, но ниту градоначалникот, ниту надлежните служби, не дадоа одговор. На објектот стои информативна табла дека стaнува збор за реконструкција на фасада. Се гледа дека отворите на фасадата се затвараат. Кај објект на катна гаража тоа во најмала рака е проблематично и дискутабилно. Како ќе го решаваме проблемот со паркирањето ако се носат одлуки за затворање гаражи, за пренамена во нови деловни објекти“, велат од Здружението „Здравје пред профит“.
Дополнителен проблем е што градилиштето не е соодветно заштитено, а се наоѓа до детско игралиште и влез во поликлиника.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ тврди дека катната гаража нема да стане деловен простор, туку ќе ја задржи намената на паркинг.
„Од сопственикот беше побарано дозвола за градежни работи околу промена на фасадата бидејќи од неколку страни протекувало вода и катната гаража се поплавувала. Нема да има пренамена во деловен простор“, вели Богдановиќ.
На жителите на околните згради кога се градела катната гаража им било ветено дека за нив паркингот во неа ќе биде бесплатен, но тоа никогаш не се реализирало. Богдановиќ вели дека имало идеја тие да го преземат стопанисувањето на таа гаража, но допрва ќе се прават анализи да се видело дали е исплатливо.
„Доколку ние ја преземеме таа гаража, треба да му плаќаме надоместок на сопственикот. Ќе видиме дали тоа ни се исплати или пак да направиме нов објект за решавање на проблемот со паркинг места во овој дел од градот“, додава Богдановиќ.
А. АНТЕВСКА