ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА СЕ ИСКАРА СО АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ, ПРОЕКТАНТИТЕ НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА И МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА

    ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА СЕ ИСКАРА СО АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ, ПРОЕКТАНТИТЕ НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА И МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРААрсовска кажа дека министерката Костадиновска-Стојчевска прави шоу, а Асоцијацијата на архитекти пуштала партиски соопштенија напишани од СДСМ во кои ја напаѓаат. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска денеска се искара со претставниците на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите на Универзална сала и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. На прес-конференцијата свикана од Министерството за култура, на која беа поканети сите засегнати страни, наместо наоѓање заедничко решение и договор за соработка, Арсовска се искара со сите.

    Уште при доаѓањето пред Универзална сала, на поздравот од страна на министерката Костадиновска-Стојчевска за добредојде Арсовска ѝ одговори „За разлика од вас на нас не ни е страв да дојдеме на покана“.

    Министерката потоа кажа дека ја организирала средбата за да можат најповиканите страни, архитектите и проектантите да дадат објаснување на проектот за Универзална сала, за кој Арсовска тврди дека е небезбеден, а стучната фела тоа го негираше.

    „Сметам дека треба да се продолжи со проектот кој веќе е одобрен за да може да се заврши реконструкцијата во најкус можен рок. Јас ги повикав претставниците на најрелевантите асоцијации кои се вклучени во овој проект, Асоцијацијата на архитекти, Комората на архитекти и проектантите и тие се оние кои треба да ги објаснат сите недоумици “, рече  Костадиновска-Стојчевска.

    Арсовска кажа дека ја повикала министерката на средба во Градот, но таа не дошла, а ја обвини  Асоцијацијата на архитектидека пушта партиски соопштенија од СДСМ.

    „На министерката сакам да ѝпорачам дека на ваков начин шоу не се прави. Второ, Аосцијацијата на архитекти вчера излезе со еден памфлет кој е напишан од седиштето на СДСМ, партијата во која член на  Извршен одбор е претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Мишко Ралев. Целиот Извршен одбор да го донесете, исти се аргументите дека овој проект не е безбедно и сигурен затоа што претходно немало извршено анализа на објектот“, рече Арсовска обвинувајќи дека постојано е напаѓана во јавноста.

    Претседателката на Собранието на Асоцијација на архитекти на Македонија Искра Јанковска-Михајловска по изјавата на Арсовска дека Асоцијацијата е партизирана кажа дека вчерашното соопштение во кое се осуди изјавата на градоначалничката е потпишано од сите членови на Асоцијацијата кои размислуваат со свои глави. Арсовска не дозволуваше Михајловска-Јанковска да даде став во името на Асоцијацијата велејќи дека тоа треба да го направи Ралев и ја праша кој ги викнал на оваа средба.

    „Ви благодарам што нѐ навредивте цела Асоцијација на архитекти. Тоа што вие го викате дека е памфлет го пишуваше Управниот одбор на Асоцијацијата, каде сите сме еднакви меѓу еднаквите. Тоа не е памфлет туку наша реакција да се почитува струката. Сè повеќе гледаме дека политичарите се расфрлаат со изјави како сега објектот е небезбеден. Кога некој ќе каже дека нешто е небезбедно треба да излезе со факти. Ние како архитекти при реконструкции секогаш се соочуваме со измени во градби. И за тоа постојат  процедури. Да ги плашите луѓето дека е небезбеден е крајно некоректно, објектот е во градба не може да се каже дека е небезбеден. Да не влегуваме во политиканство туку ние дојдовме да збориме за струката“, рече Јанковска-Михајловска.

    Арсовска, која постојано ја прекинуваше Јанковска, рече дека изјавите ѝ се паушални и постојано повторуваше дека проектот не бил добар и затоа морало да се прави нов проект.

    Потоа, проектантот на Универзална сала Бујар Муча кажа дека измени во градба се прават постојано и дека новиот проект е направен и дека записниците кои ги чита градоначалничката се сосема нормална процедура при една градежна активност.

    „Нов проект имате и не е точно дека не е безбеден. Секогаш кога се прават реконструкции излегуваат непредвидени работи, тоа е нормално при секоја ваква градба. Сето тоа произлезе да го повикаме ЗИМ како институција која се занимава со испитување на материјали, тоа го напрвија најдобрите проектанти за челични конструкции, го препроектиравте тоа и пак добивме позитивно мислење на измени во тек на градба од ИЗИИС.  Град Скопје има сè испратено, институции порелеванти од нас ни дадоа позитивни извештаи. Повеќе од ова срам ми е да говорам, затоа измените се направени госпоѓо Арсовска, и проектот е безбеден и тој проект го имате“, рече Бујар Муча, кој исто така беше постојано прекинуван од Арсовска.

    Универзалана сала не се реконструира веќе 4 месеци. По промената на власта односно по доаѓањето на функција на Арсовска градежни работи нема, па таа стои со соголена фасада.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира