ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БИТОЛА ТОНИ КОЊАНОВСКИ СТАПИ НА ФУНКЦИЈА, РЕЧЕ ЌЕ ЈА КОНСУЛТИРА ПЕТРОВСКА ЗА ДОБРОТО НА ОПШТИНАТА

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БИТОЛА ТОНИ КОЊАНОВСКИ СТАПИ НА ФУНКЦИЈА, РЕЧЕ ЌЕ ЈА КОНСУЛТИРА ПЕТРОВСКА ЗА ДОБРОТО НА ОПШТИНАТАКоњановски на Петровска ѝ подари букет црвени ружи. (Фото: СДК.МК)

    Новиот градоначалник на Битола Тони Коњановски денеска ја презеде функцијата од Наташа Петровска. Коњановски во Општината беше пречекан со аплауз од дел од вработените, а на Петровска ѝ подари букет црвени ружи.

    На примопредавањето Петровска му кажа дека остава финансиски стабилна Општина и полна каса.

    „На мојот наследник му оставам финансиски стабилна Општина со 4.2 милиони евра, за разлика од мене која наследив долгови. Не можам да му оставам картичка за ручеци зашто никогаш не сум ја имала, а користев сопствено возило за доаѓање на работа и движев пеш без телохранители“, рече Петровска на заминување, додавајќи дека стои на располагање со своето искуство во водењето на Општината да му помогне на новиот градоначалник.

    Петровска на Коњановски му подари пенкало за да склучува добри договори за Битола, клучевите од кабинетот и печатен информатор од 96 страници за сè што сработила во изминатите четири години. Таа рече дека од  парите што ги остава  во најголем дел се за да се довршат проектите кои ги започнала, а за кои има склучени договори, некои се во изведба, а други пред воведување во работа. Од продажба на градежно земјиште што го извршиле, во следниот период треба да влезат дополнителни 2 милиони евра во буџетот на Општината.

    Коњановски кажа дека ќе настојува да ги продолжи проектите кои се во реализација.

    „Искуствата на Петровска што ги имаше во 4-годишното работење ќе настојувам да ги применам и нема да се ограничувам за да се слушнеме, да се консултираме. Тоа доликува на цивилизирани граѓани и Битола само така ја препознавам како град во кој сите треба да живееме. Од вработените очекувам поддршка и многу работа без делби и фаворизирање. Ќе ја користам помошта на секој што е стручен и има знаење“, рече Коњановски.

    Со ова, по само 4 години, на чело на Битола повторно застанува кадар на ВМРО-ДПМНЕ, а пред Петровска која беше од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ја водше Општината во три мандати.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира