ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА „ТЕТОВО САКА ПАРК“ БАРА ОПШТИНСКАТА ИНСПЕКЦИЈА ДА ГО СПРЕЧИ ГРАДЕЊЕТО ВО СПОРНИОТ УРБАН БЛОК 57А

    ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА „ТЕТОВО САКА ПАРК“ БАРА ОПШТИНСКАТА ИНСПЕКЦИЈА ДА ГО СПРЕЧИ ГРАДЕЊЕТО ВО СПОРНИОТ УРБАН БЛОК 57ААктивистите покренаа иницијатива да се изгради градски парк во блокот 57А (Фото: СДК.МК)

    Во спорниот урбан блок 57А во Тетово, чиј урбанистички план Советот неодамна го суспендираше, започна да се гради висококатница. Поради ова, граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ поднесе барање до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши вонреден инспекциски надзор во секторите за урбанизам и заштита на животната средина, сообраќај и патишта и за комунални дејности на Општина Тетово поради издадената дозвола за градба на станбено-деловен објект.

    На ова место, тетовските активисти покренаа иницијатива да се изгради градски парк, нешто што на Тетово со децении му недостасува.

    „Општина Тетово соопшти дека го суспендирала штетниот ДУП за урбаниот блок 57А, кој се однесува на просторот на поранешниот ‘ШИК Јелак‘, а од друга страна, на истата локација издала одобрение за градба на висококатница. Нам, жителите на Тетово, ова ни е нејасно. Покрај докажано штетниот и суспендиран ДУП и јасно изразената волја и потреба на граѓаните за нови, зелени концепти, се дозволува да се шири смртоносниот вирус наречен висококатници и на тој простор“, соопштуваат од иницијативата „Тетово сака парк“.

    Наспроти ова, од Општина Тетово велат дека не можат да ја спречат изградбата бидејќи дозволата била издадена пред Советот да го суспендира планот за урбаниот блок 57А.

    „Тие што градат зеле потврда од Секторот за урбанизам, добиена пред суспензијата на ДУП за овој урбан блок и затоа имаат право да почнат да градат. Откако ја донесовме одлуката за суспензија, општината нема издадено ниедна дозвола за градење на овој простор“, изјави Бесар Дурмиши, претседавач на Советот на Општина Тетово.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира