ГРАНКИТЕ И ЛИСЈАТА ОД СКОПСКИТЕ УЛИЦИ И ПАРКОВИ ЌЕ СЕ ГОРАТ ВО „УСЈЕ“

    ГРАНКИТЕ И ЛИСЈАТА ОД СКОПСКИТЕ УЛИЦИ И ПАРКОВИ ЌЕ СЕ ГОРАТ ВО „УСЈЕ“Постројката за согорување отпад ќе биде ставена во функција летово, а вкупната инвестиција е од 1,5 до 2 милиони евра. -Градоначалникот Петре Шилегов во „Цементарница Усје“ (Фото: Град Скопје)

    Дрвја, гранки и лисја што се собираат низ Скопје ќе се горат во печките на „Цементарница Усје“. Наместо на депонијата „Дрисла“ дел од сувиот отпадот од градот ќе се носи во „Цементарница“ каде потоа со согорувањето ќе се користи како алтернативно гориво во производството на цемент.

    Постројката за согорување отпад ќе биде ставена во функција летово, а вкупната инвестиција е од 1,5 до 2 милиони евра.

    „Веднаш штом ќе биде монтирана ќе почнеме да откупуваме биомаса од Градот Скопје а веќе преговараме со земјоделски производители од Кочани, Штип, Чешиново, Облешево. Ќе набавиме и специјални приколки за собирање на оризова лушпа, која лета и е голем проблем за земјоделците. Ќе набавиме и машина за сецкање на текстил за да може и тој да се користи и тоа како дел од алтернативните горива“, рече Борис Хрисафов, главен извршен директор на „Цементарница Усје“.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов при посетата на „Усје“ рече дека Градот годинава ќе набави нови контејнери од кои дел ќе бидат наменети за селекција на отпад.

    „Тенденцијата е да се пролонгира векот на живот на депонијата, а од друга страна да се употреби секоја корисна состојка од отпадот, која може да биде репроматеријал, или пак да се употреби како алтернативно гориво. И граѓаните ќе можат да селектираат отпад, а за тоа ќе добијат соодветна инфраструктура. Дополнително, партнерската компанија која ја бараме за ’Дрисла‘ ќе треба да обезбеди секундарна селекција на отпадот, во која финално ќе се одвои секоја употреблива состојка и ќе се прати на рециклирање. Во рамките на селекцијата ќе се одвои и комУналниот отпад што може Цементарницата да го користи како гориво. Додека се реализира ова ќе им даваме биоотпад собран од парковите, рече Шилегов.

    Како што најави Шилегов на „Дрисла“ ќе се изгради печка за согорување на остатокот од отпадот, а пепелот што ќе останува како нус продукт, исто така ќе биде потенцијално гориво за „Усје“.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира