ГРЕЕЊЕТО ОД ДОМАЌИНСТВАТА ЈА ЗГОЛЕМИ ЗАГАДЕНОСТА НА ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС, ВО НОЕМВРИ 23 ДЕНА ВРЕДНОСТИТЕ БИЛЕ НАД ДОЗВОЛЕНОТО

    ГРЕЕЊЕТО ОД ДОМАЌИНСТВАТА ЈА ЗГОЛЕМИ ЗАГАДЕНОСТА НА ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС, ВО НОЕМВРИ 23 ДЕНА ВРЕДНОСТИТЕ БИЛЕ НАД ДОЗВОЛЕНОТОЗа единаесет месеци од годинава, 88 дена имало надминување на среднодневната концентрација на ПМ 10 честички, што е 53 денови повеќе од дозволениот број на надминувања во текот на една календарска година. (Фото: СДК.МК)

    Во ноември само седум дена во Велес немало повисоки вредности на загадување на воздухот од граничните 50 микрограми на метар кубен. Од тие 23 дена кога велешани дишеле загаден воздух, во три наврати или седум дена бил надминат прагот кога загадувањето е над 100 микрограми на метар кубен, во најмалку два дена последователно. Ова се резултатите на кои ги покажала мерната станица Велес 2 на Министерството за животна средина.

    „Најголема причина за загадувањето на воздухот во градот се домаќинства, па потоа е сообраќајот и на крајот се индустриските капацитети. Со започнувањето на грејната сезона се зголеми и загадувањето на воздухот во градот“, вели градоначалникот Аце Коцевски.

    За единаесет месеци од годинава, 88 дена имало надминување на среднодневната концентрација на ПМ 10 честички, што е 53 денови повеќе од дозволениот број на надминувања во текот на една календарска година. Според прописите тоа е дозволено 35 дена во текот на 12 месеци.

    Градоначалникот Коцевски потенцираше дека ниту еден ден годинава не бил надминат прагот на алармирање, кога два дена последователно вредностите се над 200 микрограми на метар кубен среднодневни просечни концентрации на ПМ 10 честички. Но, затоа четири пати бил надминат прагот на информирање, кога загадувањето на воздухот било над 100 микрограми на метар кубен два дена последователно, тоа се случило еднаш во јануари и три пати во ноември годинава.

    Општина Велес упати препораки до граѓаните, рано наутро и доцна навечер да избегнуваат излегување надвор, да ги одложат сите активности на отворено, правилно да се користат печките за дрва, да се користи јавен превоз. Како една од мерките за намалување на загаденоста на воздухот во градот, летово локалната власт субвенционираше 35 семејства за купување на инвертери, со покривање на 50 отсто од трошоците за нивна набавка.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира