ГРОМ УДРИ ВО ЦРКВАТА ВО СЕЛО ДОЛНО СРПЦИ И ЈА ОШТЕТИ

    ГРОМ УДРИ ВО ЦРКВАТА ВО СЕЛО ДОЛНО СРПЦИ И ЈА ОШТЕТИЦрквата изградена во 1926, пред осум години е реновирана, а од громот напукнале делови од објектот, се искршиле стаклата од сите прозорците, се запалила струјната инсталација, ги потемнела ѕидовите во внатрешноста, а испаѓале и се искршиле дел од лустерите (Фото: СДК.МК)

    Вчеравечер околу полноќ, гром удрил во црквата „Свети Теодор Тирон“ во битолското полско село Долно Српци и видно ја оштетил. Од ударот напукнале делови од објектот, се искршиле стаклата од сите прозорците, се запалила струјната инсталација, ги потемнела ѕидовите во внатрешноста, а испаѓале и се искршиле дел од лустерите во црквата.

    „Сношти околу 23, 45 часот селото беше зафатено од големо невреме, се слушаа силни грмотевици и еден гром удри во храмот. Оштетен е внатре и надвор. Црквата беше градена во 1926 година, а пред осум години ја реновиравме“, раскажува Зоран Ристевски од Црковниот одбор.

    Членовите од Црковниот одбор сега бараат да им се дадат парите од денационализацијата на црковниот имот за да можат да ја поправат штетата во храмот.

    „Од Министерството за финансии пред еден месец ни се одобрени 42.000 денари, па во најкраток период треба да ги префрлат во Епархијата. Го замолуваме владиката Петар, кога ќе стигнат средствата веднаш да ни ги префрлат, за да можеме да го реновираме објектот“, вели Илче Дамевски од Црковниот одбор.

    Освен црквата, невремето предизвика штети и во околните куќи, каде се заплаија струјомерите, но за среќа не настана поголем пожар. Екипи на ЕВН денес на терен ги поправаа дефектите. Летово ова не е првпат селото да трпи штети од невреме, на почетокот на јуни, обилните врнежи дожд им го уништија тутунот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира