Хидробиолошкиот завод од Охрид вели дека двата документа: Предлог Законот за прогласување на Охридско Езеро за Споменик на природа и Предлог-Законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природа, се појдовна точка за сериозна заштита на овие две подрачја и природните реткости.
Двата Предлог-закона се во собраниска процедура пред донесување, а предложени се од Министерство за животна средина и просторно планирање.
„Согласно Предлог -законите, идните управувачи со заштитените подрачја Споменик на природа – Охридско Езеро и Парк на природа – Студенчишко Блато ќе имаат обврска на транспарентен начин да изработат и донесат планови за управување, во чие изготвување треба активно учество да има ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, а во кои ќе бидат дефинирани дозволени и забранети активности по зони врз основа на досегашните и тековни научно-истражувачки активности и резултати кои како досега, така и во иднина се база за изготвување на релевантни законски прописи и документи. Сите документи ќе бидат изготвени со почитување на постоечката законска регулатива во . Македонија и секако во консултација со сите релевантни фактори во државата. Тие, исто така, ќе имаат обврска да воспостават мониторинг на природното наследство во двете подрачја, за чие континуирано спроведување треба да се обезбедат средства, како и да обезбедат нивно интегрално управување и заштита”, вели директорката на Хидробиолошки завод, Орхидеја Тасеска.
Во текот на долгогодишните фундаментални истражувања на Охридското Езеро, повеќе од 1.000 трудови се публицирани и презентирани од страна на научниот кадар на Хидробиолошки завод – Охрид, со назначен осврт на заштита и екосистемското управување на Езерото. Заводот има човечки и технички капацитети и високо софистицирана теренска и лабораториска опрема за истражување, како и апликативни капацитети – мрестилиште и растилиште за одгледување на подмладок од охридска пастрмка со капацитет од 5 милиони, икра, личинки и одгледан подмладок, со што, може да одговори на потребите од Програмата за мониторинг и заштита на нашето светско природно наследство Охридското Езеро, како и за Студенчишко блато.
С. ВРЕНЦОВСКА