ХИРУРЗИТЕ ВО СТРУШКАТА БОЛНИЦА ГИ СТОПИРАА ОПЕРАЦИИТЕ ОТИ НЕ ИМ СЕ ИСПЛАЌААТ ПЛАТИ СПОРЕД РЕАЛНО ОДРАБОТЕНИТЕ ЧАСОВИ

    ХИРУРЗИТЕ ВО СТРУШКАТА БОЛНИЦА ГИ СТОПИРАА ОПЕРАЦИИТЕ ОТИ НЕ ИМ СЕ ИСПЛАЌААТ ПЛАТИ СПОРЕД РЕАЛНО ОДРАБОТЕНИТЕ ЧАСОВИЛекарите реагираат дека постојниот модел за пресметка на платите е застарен, а дел од реално одработените часови не се признаваат или соодветно не се исплаќаат. (Фото: СДК.МК)

    Во Струшката болница ескалира незадоволството на хирурзите и анестезиолозите, кои од 1 јуни ја ограничија работата исклучиво на итни случаи, додека сите планирани операции се одложуваат до понатамошно решение. Ваквата одлука, како што велат, е последица на долготрајни проблеми со пресметката и исплатата на нивниот труд, кои со години остануваат нерешени.

    Лекарите реагираат дека постојниот модел за пресметка на платите е застарен, а дел од реално одработените часови не се признаваат или соодветно не се исплаќаат. Дополнително, велат дека е намален бројот на приправности кои се евидентираат и исплаќаат, а кај анестезиолозите се скратени и часовите што се признаваат за оваа намена, што директно се одразува врз месечните примања.

    Во своите барања тие инсистираат на исплата на сите реализирани часови, како и на редовна исплата на инфективниот додаток, за кој тврдат дека неправедно е изоставен.

    Хирурзите посочуваат дека Струшката болница е единствената установа од секундарното здравство во која се изведува висок обем на хируршки интервенции, вклучително и сложени онколошки операции, но и покрај тоа платите, како што велат, остануваат пониски од колегите во други центри со значително помал обем на работа.

    Болницата, додаваат, покрива пациенти од целиот Југозападен Регион, што дополнително го зголемува притисокот врз персоналот и комплексноста на работата.

    И покрај незадоволството, хирурзите и анестезиолозите велат дека остануваат на своите работни места и продолжуваат да ги опслужуваат сите итни случаи за да не се загрози здравјето и животот на пациентите.

    Планираните интервенции остануваат во мирување сè додека не се најде решение за нивните барања.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира