Светскиот ден на водата се одбележа во Тетово со чистење на коритото на реката Пена. Во акцијата се вклучија активисти од Македонско-хрватското друштво од Тетово, заедно со еколошко-нуркачкиот клуб „Пена“. Тие ги чистеа коритото на Пена и просторот околу реката кај излетничкото место Бањиче. Овие активности беа дел од нивниот проект „За чиста и здрава вода, стоп за загадувањето на водите“.
„И покрај неповолните временски услови, акцијата успешно ја спроведовме и беше собрана голема количина пластика, хартија и друг отпад. Од речното корито извадивме дури и делови од автомобил. Сметот го собиравме од Пена, во месноста Бањиче, околу изворите на минерална вода кај Бањиче и долж патот кој води до ова најпосетено тетовско излетничко место. Во акцијата учествуваа дваесетина активисти од здруженијата, кои собраа над 35 големи вреќи со смет“, информираат од Македонско-хрватското друштво.
З. АНДОНОВ