Поделеност има меѓу родителите и учениците по најавите за бојкот на наставата во Битола, градот од каде што е и воспитувачката Драгана Спасевска, потпишана како овластена претставничка на фејсбук групата „Учебници и настава мора да има“.
Таа преку оваа група со околу 70.000 членови најави и денеска бојкот на наставата и се заканува дека ако Министерството за образование не ги чуе нивните барања најавија дека в недела ќе излезат на протест низ сите градови во земјава. Бараат да се стопира носењето на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, кој го усвои Владата на 27 април и ќе оди во Собранието, да се организира јавна расправа и нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции.
Во Скопје, по бојкотот на наставата на дел од средните школи на 28 и 29 април, денеска против воведување дигитални учебници ќе бојкотираат учениците во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Дел од родителите безусловно ја поддржуваат фејсбук групата, а други реагираат дека нема добра организација, не се знае што ќе биде со изостаноците и дека ова е лош период за бојкот бидејќи се ставаат завршните оценки.
„Да има бојкот ако сите деца отсуствуваат, а не еден бојкотира, друг не. Тие што бојкотираат добиваат неоправдани, со 10 се намалува поведението“, реагира родител.
На 29 април веќе имаше бојкот од страна на неколку паралелки низ училиштата во Битола. Бојкотираа и ученици од основни училишта, зашто родителите одлучија да не попуштат во ставот да нема електронски учебници. Но, низ училиштата имаше паралелки каде настава следеше само по еден ученик зашто родителите не се согласувале со бојкот како мнозинството.
„Ова е година покуса за еден месец. Часовите се по 35 минути. Ако децата отсуствуваат, а потоа наставниците за да го надополнат материјалот предаваат по две-три лекции на ден, учениците нема да можат да совладаат. Никој од нас не сака децата да им останат пред компјутери до средината на јуни“, реагира Менка Станковска, родителка од Битола.
Учениците се организираат преку социјалните мрежи. Дел ќе бојкотираат, а дел не. Некои велат дека се преморени од онлајн настава и не сакаат електронски учебници, за други формата не е важна, а трети се радуваат што со бојкотот им се продолжи празнувањето.
Драгана Спасевска, една од огранизаторите на бојкотот преку фејсбук групата, соопшти дека ќе испрати допис до сите училишта да не се врши притисок до децата и родителите .
„Бојкотот ќе продолжи се додека не добиеме соодветен прием кај надлежните и не бидат соодветно разгледани нашите барања. Секако ќе ги одржиме и ветувањата за организирање на протести, оставка на министерката и граѓанска иницијатива против донесувањето на Законот, доколку не го земете предвид мислењето и гласот на граѓаните. Ова го правиме во најдобар интерес за нашите деца“, соопшти Спасевска.
Таа по професија е дипломирана воспитувачка, а во јавноста покрај по бојкотот е позната и како кловнот Заги, омилен лик меѓу децата на родендените, забавите, учествуваше во детски емисии, а предаваше и во приватен едукативен центар.
Министерството за образование, по добиените информации дека изолирани групи ќе ја бојкотираат наставата, упати апел за разумност и повторно приклучување кон останатите деца од нивните класови, затоа што постапката не оди во прилог на нивната едукација. Секој пропуштен час, особено сега кога воспитно-образовниот процес се организира во вонредни околности и во услови на пандемија, значи пропуштено знаење, кое тешко се надоместува, велат од Министерството.
На 28 април, во Собранието на седницата за пратенички прашања министерката за образование Мила Царовска рече дека укинувањето на печатените учебници е измислица на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи граѓаните ќе имаат можност да изберат меѓу дигитални и печатени учебници со Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, усвоен од Владата.
„Значајно е дека сите граѓани со ова законско решение ќе имаат можност да изберат печатени или дигитални учебници. Она кое што е значајно е дека на тој начин ќе успееме да ги доближиме содржините до новата генерација на ученици кои живеат во дигитален свет, сакале ние или не. Укинување, укинување, укинување… Самите се обидувате да наметнете термин кој не постои. Укинување не постои, апсолутно во законот се гарантира за првпат пристап до аудиоверзија, верзија од Брајово писмо, дигитална колаборативна верзија и печатен учебник и тоа е така во законското решение. Пристапот е комбиниран и таков постои во светот, ништо ново, ништо значајно, не го измислуваме ние“, рече Царовска, одговарајќи на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, кој кажа дека ниту најразвиените земји не размислуваат да преминат на целосна дигитализација во образованието.
Подоцна, во одговор на прашање на пратеникот на Левица Борислав Крмов, таа објасни дека ако ученик избере дигитални учебници, а нема компјутер, државата ќе мора да му обезбеди.
Царовска во Собранието го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад бојкот на наставата на дел од средношколците тој ден, а дента и Сојузот на средношколци го осуди бојкото и изјави дека е манипулација која оваа организација не ја поддржува.
Ж. ЗДРАВКОВСКА