Стотина средношколци се приклучија кон акцијата на создавање зелен појас околу Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“. Тие засадија повеќе илјади багремови садници на старите одлагалишта со пепел во РЕК за да се заштити животната средина од загадување. Бидејќи повеќето од нив досега немаа засадувано дрвца, на помош дојдоа од Здружението за доброволно младинско ангажирање, кое е составено од бригадири кои пошумувале во социјализмот.
„Постојано на социјалните мрежи се критикува дека има загадување и ние одлучивме да сториме најмалку што можеме и да засадиме по неколку дрвца“, рекоа дел од средношколците.
Душко Јанкуловски, претседател на Здружението за доброволно младинско ангажирање, рече дека бригадири им објаснуваа како се сади бидејќи за некои ова беше прво вакво искуство.
„Добро е да се навикнат малку на работна навика и да научат како да се грижат за природата. Во минатото се работеше на изградба на канали, автопатишта, а сега акцентот се става на заштита на животната средина. Шумата и за РЕК и за Битола се белите дробови“, рече Јанкуловски.
Минатата недела, на одлагалиштето пошумуваа вработени во Комбинатот и други доброволци. Акцијата продолжува со цел да се создаде зелен појас околу РЕК.
Ж. ЗДРАВКОВСКА