Тротоарите на скопската улица Ленинова на потегот од булеварот Партизански одреди до улицата Теодосиј Гологанов напролет ќе се ослободуваат од коли. Општина Центар најавува дека и на оваа улица ќе се реконструира како улицата Орце Николов, односно ќе бидат изведени џебови за паркирање, а тротоарите ќе бидат слободни за пешаци.
Сега на оваа улица пешаците одат по коловозот, бидејќи тротоарите се целосно окупирани со паркирани возила од станарите. Улицата е цела со дупки и прокопи.
„Според проектното решение, ќе се постави атмосферска канализација, ново осветлување и 134 резидентни паркинг места. По реконструирањето, улицата која сега е под надлежност на ЈП ‘Градски паркинг‘, ќе припадне под ЈП ‘Паркинзи Општина Центар‘, преку кое обезбедуваме 134 резидентни паркинг места преку џебови“, вели градоначалникот Горан Герасимовски, кој вчера имаше средба со жителите на улицата.
Реконструирањето на улицата ќе започне напролет, до кога треба да завршат градежни зафати на екипите од ЕВН кои поставуваат кабли за засилување на електричното напојување.
А. АНТЕВСКА