И ОВА ЛЕТО РЕКИТЕ ТОПОЛКА И БАБУНА НЕ СЕ ЧИСТИ ЗА КАПЕЊЕ, ВЕЛАТ ОД ВЕЛЕШКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    И ОВА ЛЕТО РЕКИТЕ ТОПОЛКА И БАБУНА НЕ СЕ ЧИСТИ ЗА КАПЕЊЕ, ВЕЛАТ ОД ВЕЛЕШКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕКапењето не е препорачливо поради влошениот квалитет на водата по однос на матност и микробиолошки статус. (Фото: СДК.МК)

    Реките Тополка и Бабуна не се препорачуваат за капење, покажуваат анализите на водите извршени од Центарот за јавно здравје Велес во јуни. Двете реки се планински и извираат од планината Јакупица. Така летово, велешани можат да најдат освежување од високите температури само на Градскиот базен и во базените на хотелите во околината на градот. Езерото Младост две години е забрането за капење.

    Тополка не е безбедна во Чашка на мерното место „Чашка-капалиште“ и не може да се користи за капење и рекреација на луѓето. Причината е влошениот квалитет на водата по однос на матност и микробиолошки статус, кој е од трета класа. Aнализираниот примерок на вода бил од втора и прва класа по останати испитани параметри.

    Водата на Тополка пред вливот во Вардар близу Велес, според извршените испитувања и стручната анализа, не може да се користи за капење и рекреација на луѓето. Анализираниот примерок на вода бил од петта класа по присутна матност, трета класа по бактериска контаминација, сатурација и присуство на амонијак и нитрити, а по однос на останати испитани параметри е од втора и прва класа.

    Бабуна не треба да се користи за капење и рекреација на прва плажа, во долниот тек, каде што летово бројни велешани се рекреираат. Анализираниот примерок на вода бил од трета класа по бактериска контаминација, со присуство на амонијак и манган, а по однос на останати испитани параметри е од втора и прва класа.

    Неколку години не се мери квалитетот на Вардар низ Велес, од Башино Село до вливот на Бабуна, бидејќи не се користи за капење.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира