ИАКО ИЗБРИШАН ОД РЕГИСТАРОТ, БУГАРСКИОТ КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“ ВО БИТОЛА ПРОДОЛЖИ СО АКТИВНОСТИ

    ИАКО ИЗБРИШАН ОД РЕГИСТАРОТ, БУГАРСКИОТ КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“ ВО БИТОЛА ПРОДОЛЖИ СО АКТИВНОСТИОд прославата во клубот со бугарски гости за Свети Кирил и Методиј. (Фото: Фејсбук)

    Иако бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ уште во март минатата година беше избришан од Централниот регистар, тој деновиве си продолжи со одржување активности во истиот објект во кој беше и претходно смесетн на улицата Рузвелтова во некогашното Еврејско маало во Битола.

    Според информациите објавени на фејсбук страницата на Културниот центар „Иван Михајлов“, таму пред три дена по повод празникот Свети Кирил и Методиј, се одржала промоција на фотоизданието „Голема бугарска читанка или втор дел од бугарскиот буквар на наречје повразумително за македонските Бугари“ на Кузман Шапкарен од 1868 година.

    Пишува дека промоцијата била направена „по повод денот на Светите браќа Кирил и Методиј и бугарската азбука, образованието и културата“ во нивниот клуб во Битола, а во заедничка организација со Здружението на македонските Бугари за меѓукултурна интеракција ‘Интеракција’, Воено-историската комисија, Сојуз на резервни офицери од Военото училиште Неговото Височество, ЗОО и патриотско државјанство 2024 и со присуство на генералниот бугарски конзул Николај Димитров.

    На фесјбук страницата објавена е снимка од детски женски хор кој настапува во просториите на клубот пеејќи бугарски песни, а покрај нив има и други гости. На ѕидовите висат истите слики од Ванчо Михајлов како и претходно што, укажува на тоа дека во внатрешноста се е останато исто како и за отворањето на клубот, иако се претпоставуваше дека тој не е активен по неговото бришење од Централниот регистар.

    Од клубот уште имаат напишано дека благодарение на женскиот хор „Евмолпеја“ од Пловдив, кој учествувал на прославата, за првпат од 1944 година во живо се слушнале благословените звуци и зборовите на химната „Оди луѓе преродени“ по песни на Стојан Михаиловски (деец на ВМОРО) и музика на Панајот Пипков (член на македонско-одринското друштво Ловеш и роднина на Гоце Делчев).

    Културниот центар „Ванчо Михајлов“ од Битола на 22 март 2023 беше избришан од Централниот регистар, откако министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одби барањето бугарското здружение да го користи името на Михајлов, соработник на фашистите во Втората светска војна.

    Откако клубот беше избришан од Централниот регистер, од објектот беа тргнати и таблите со името на Михајлов. Се веруваше дека клубот згасна, речиси по една година, откако беше отворен во април 2022 година во присуство на целиот државен врв на Бугарија. Но, очигледно тој продолжи со своите активности.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира