ИЛИ ЌЕ ИСТРПИМЕ МЕТЕЖ 40 ДЕНА ИЛИ МОСТОТ ЌЕ ПАДНЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“

    ИЛИ ЌЕ ИСТРПИМЕ МЕТЕЖ 40 ДЕНА ИЛИ МОСТОТ ЌЕ ПАДНЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“Градоначалникот Петре Шилегов вели дека дилатација на мостот Гоце Делчев не е извршена повеќе од 13 години.(Фото: Град Скопје)

    Град Скопје денеска почна со реконструкција на дилатации на мостот Гоце Делчев. Градежните работи ќе траат 40 дена при што ќе биде воведен привремен сообраќаен режим во двата правци на мостот.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека реконструкцијата на мостот мора да се направи во спротивно тој ќе се урне.

    „Станува збор за дилатација која не е извршена повеќе од 13 години. Или ќе треба да истрпиме 40 дена да имаме сообраќаен метеж или ќе падне мостот Гоце Делчев. Лето е, има помалку гужви во сообраќајот и вистинско време е да ја извршиме таа дилатација на мостот“, рече денеска градоначалникот Шилегов на промоцијата на шест хибридни возила купени за градската администрација.

    Градежните работи како што најавија од Град Скопје ќе се изведуваат во две фази, истовремено во двете насоки на движење на мостот. Во првата фаза при изведба на градежните работи, сообраќајот на потегот од ТЦ „Мавровка“ кон Влада ќе се одвива во две сообраќајни ленти, а сообраќајот на потегот од стара пошта кон Судска палата ќе се одвива само во една сообраќајна лента. Во втората фаза при изведба на градежните работи сообраќајот на потегот од улица Филип Втори Македонски кон булевар Илинден ќе се одвива во само една сообраќајна лента, додека сообраќајот во спротивниот правец ќе се одвива во преостанатите две сообраќајни ленти.

    Во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК професорот Горан Марковски од Катедрата за бетонски конструкции и мостови на Градежниот факултет во Скопје на 24 август 2018 година кажа дека состојбата на мостот Гоце Делчев е специфична, проблеми се јавиле веднаш по неговата изградба и затоа потребен е негов постојан мониторинг.

    „Веднаш по неговото пуштање во употреба, во 1970-те години, во средното поле се јавуваат релативно големи деформации, кои во првата година достигнале околу 25 сантиметри. Во текот на времето деформациите бележат постојан раст, за да после 20-тина години, кога е извршена санацијата, вкупната деформација достигне повеќе од 60 сантиметри. Тоа покажува дека мостот имал некакви проблеми, што не мора да значи дека тие би резултирале со негово уривање, но секако претставувале аларм за зголемена загриженост и преземање соодветни мерки. Она што сакам да го потенцирам е дека мостот Гоце Делчев заслужува постојан мониторинг преку специјално вградена опрема, да се интервенира навреме и да се спречат несакани, катастрофални настани.“, рече професорот Марковски.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира