ИМА ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАР, СЕ УТВРДУВА БРОЈОТ, ПОТВРДИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ИМА ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАР, СЕ УТВРДУВА БРОЈОТ, ПОТВРДИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОПред болницата се изнесени неколку колички на кои има тела покриени со бели чаршави, а повредените итно се транспортираат во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Има и жртви во пожарот кој го зафати Ковид-центарот во Тетово, потврди Министерството за здравство. Од таму велат дека станува збор за страотна несреќа, а во моментов се утврдува точниот број на лица кои загинале, на повредените и нивната состојба.

    „Пожарот е веќе изгаснат и сите тимови од болницата се мобилизирани да дадат помош на повредените. Тие итно се транспортираат во Скопје за да им се пружи соодветна нега, тимовите на Клиника се мобилизирани. Министерот за здравство д-р Венко Филипче е во Тетово“, велат од Министерството.

     

    Сашо Трајчевски, заменик-командир на тетовската противпожарна единица, за Алсат изјави дека се вадеа и жртви додека се гасеше пожарот, а пламените јазици беа огромни бидејќи модуларна е болницата и има пластика.

    „Во 21 часот и 2 минути е пријавено дека гори модуларната болница во Медицинскиот центар во Тетово. Екипите, за 3-4 минути, нема повеќе, се пристигнати на лице место. Со околу 7 возила и над 30 пожарникари е учествувано од двете страни. Кога се екипите пристигнати беше целото во пламен. Значи тоа е внатрешно (почнато), не е надворешно. Се што е од наша страна е употребено. 21.30 е локализиран пожарот. Во 21 и 45 е ликвидиран комплетно“, рече Трајчевски.

    Премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и лидерот на ДУИ Али Ахмети беа во обиколка на болницата, разговараа и со роднините на лицата кои биле во болницата и чекаа пред изгорениот објект. Тие потоа заминаа на средба со градоначалничката Теута Арифи во Кризниот штаб на Општина Тетово.

    Пред болницата се изнесени неколку колички на кои има тела покриени со бели чаршави.

    Во тетовскиот модуларен Ковид-центар има 24 хоспитализирани болни, а во последниве 24 часа има еден починат од Тетово.

    На 23 август, некој ја оштети цевката со која Клиничката болница се снабдувала со кислород. За среќа, беа оштетени само една помошна цевка од системот за снабдување со кислород, и една цевка наменета за довод на азотен оксидол. Главната доводна цевка за кислород, која била веднаш до нив и преку која со кислород тогаш се опслужуваа 120 пациенти кои беа хоспитализирани поради ковид-19, за среќа не беше оштетена. На 30 август беше приведен 42-годишен жител на тетовското село Желино под сомнение дека ги оштетил цевките од доводот на кислород во Тетовската болница, но МВР потоа не објави дали е расчистен случајот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира