За сите жители на улицата Орце Николов во центарот на Скопје ќе има паркинг кога ќе завршат градежните работи, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ. Откако Општината заврши со реконструкција на првиот дел од улицата и го затвори вториот дел, во овој дел од Дебар Маало владеа хаос. На реконструираниот дел се паркираат возила и на новоизведените велосипедските и пешачките патеки. Жителите околните згради велат дека немаат каде да паркираат и како да стасаат дома, бидејќи сега откако се раскопа вториот дел има помалку паркинг места, па затоа мораат возилата да ги оставаат и на патеките.
Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека според анализите кои ги правеле со ЈП „Паркинзи Општина Центар“, кога ќе биде завршена реконструкцијата паркинг ќе има за сите станари.
„Оваа улица ќе биде резиденцијална, односно нема да може да се паркираат вработени од фирми или граѓани со праќање порака, што значи и со воведувањето на паралелно паркирање ќе има доволно место за жителите. Граѓаните треба да имаат трпение, бидејќи се прави вториот дел од улицата и отстранети се доста паркинг места. Додека не се заврши со тој дел ќе мора да се паркираат и на тротоарите на првиот дел. Кога ќе биде готов вториот дел за две до три недели, ќе добиеме една убава слика како реално ќе изгледа таа улица“, вели Богдановиќ.
Општина Центар почна да ја реконстурира улицата Орце Николов за да ги ослободи тротоарите од коли, бидејќи сега пешаците, велосипедистите, мајките со колички одат по коловозот оти патеките се узурпирани.
А. АНТЕВСКА