ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ВЕЛЕС ВРЕМЕНО ЌЕ РАБОТИ КАКО ДНЕВНА БОЛНИЦА ОТИ НЕМА ПЕРСОНАЛ И ГРЕЕЊЕ

    ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ВЕЛЕС ВРЕМЕНО ЌЕ РАБОТИ КАКО ДНЕВНА БОЛНИЦА ОТИ НЕМА ПЕРСОНАЛ И ГРЕЕЊЕАко има потреба од болничко лекување болните ќе бидат згрижени на Интерното одделение или на Педијатрија. (Фото: СДК.МК)

    Нема да се хоспитализираат пациенти на Инфективното одделение при Велешката болница. Оваа времена одлука е поради намалениот број пациенти, намалениот број здравствен персонал и лошите услови за работа и престој. Ова одделение во наредниот период ќе работи амбулантски, како дневна болница.

    „Инфективното одделение ќе функционира со амбулантска работа, во прва и втора смена, ќе работи и преку викендите. За пациенти се грижат двајца инфектолози, а во зависност од возраста, ако има потреба од болничко лекување ќе бидат згрижени на Интерното одделение или на Педијатрија. Причина за ваквата времена одлука е намалениот обем на работа, заминувањето во пензија на еден од инфектолозите и проблемите со греењето“, соопштија од Општа болница Велес.

    Претходниот период имаше реакции за лошото греење во овој објект, кој е одвоен од зградата на болницата. Температурите во просториите и болничките соби се ниски за работа и за персоналот и за престој на пациентите. Поради тоа, едниот кат од зградата беше забранет за користење. На повеќе одделенија од болницата се чувствува недостаток на медицински сестри. За подобра организација во работењето на болницата, како и поради недостаток на среден персонал и медицински сестри, се прави прераспределба од Инфективното кон други одделенија каде тие недостасуваат.

    Инфективното одделение имаше капацитет од 56 кревети. Во него освен од Велес се хоспитализираа пациенти од Свети Николе, Кавадарци и Неготино. Ниту по два месеца од поставеното прашање, Министерството за здравство не одговара зошто не се активира монтажната болница во Велес која стои празна, и дали и кога се планира да се започне со реконструкција на Инфективното одделение која требаше да започне пролетта 2020, но е сопрена по ковид пандемијата.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира