Боров четник ги нападна садниците во околината на месноста Вршник околу Велес. Тоа е инсект кој претставува најголема опасност за боровите насади кај нас, но и низ земјите на Медитеранот.
За состојбата реагираат излетниците и рекреативците, кои во овој период ја посетуваат оваа локација. Бараaт да се најде начин да се сопре неговото ширење, за да не се уништи оваа шума. Tаа шума е една од малкуте која е во околината на градот и е негова природна заштита.
Граѓаните од овој дел на градот реагираат дека треба да се преземат мерки за да не дојде време дрвјата да бидат уништени, а со тоа и целата шума.
Од ЈП „Македонски шуми“ уверуваат дека нивните лица задолжени за заштита и екологија редовно ја следат здравствената состојба на шумите и два пати годишно изготвуваат извештаи за појава и присуство на растителни болести и штетни инсекти. Тие се испраќаат до Известувачко-дијагнозно прогнозна служба во шумарството при Катедрата за заштита на шумите и дрвото на Шумарскиот факултет во Скопје.
„Оваа служба го изготви Годишниот извештај за состојбата на растителните болести и штетници во природните и ново подигнатите насади во државата за 2020 година, каде е предвидено авиотретирање на нападнатите површини со боров четник. Авиотретирањето со инсектицид е во надлежност на Министерството за земјоделие, шумарство согласно Планот заработа на Секторот шумарство. Според животниот циклус на боровиот четник, околу почетокот на април гасениците ги напуштаат гнездата, се закопуваат под земја и излегуваат на крајот на летото. Од тие причини авиотретирањето треба да се изведе во периодот септември-октомври, кога ќе има најдобар ефект во уништувањето на боровиот четник“, велат од Секторот за заштита на шумите при „Македонски шуми“.
П. ПЕЧКОВ