ИНСПЕКЦИЈАТА НЕ УТВРДИ ПРОПУСТИ ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА ПЕТГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ КОЕ ПОЧИНА ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА

    ИНСПЕКЦИЈАТА НЕ УТВРДИ ПРОПУСТИ ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА ПЕТГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ КОЕ ПОЧИНА ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦАОд Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека по завршување на инфузијата состојбата на девојчето се влошила. (Фото: СДК.МК)

    Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста, се вели во соопштението објавено по завршениот вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) во Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола по смртта на петгодишната Јана Христовска. Од ДЗСИ соопштија дека извршиле увид во медицинската евиденција и документација која се води на Одделението за педијатрија во рачна и електронска форма, а обезбедиле и изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на лицето.

    Констатирале дека детето било донесено за преглед околу 10,00 часот без претходен упат од матичен доктор. Била примена на преглед, а специјалист педијатар искреирал Итен упат со упатна дијагноза E86 – дехидратација. Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грло, поради кое мајката и дала сируп „ко-алмацин“. Ден пред приемот е без покачена температура , со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете по што мајката го прекинала сирупот.

    Од клиничкиот преглед во наодот констатиран е присутен оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик. Потоа креиран е упат за биохемиска лабораторија и земени се примероци од крв и урина за анализа и потоа ординирана терапија „хипоглусал 1“ 500 мл. (250 мл.5% глукоза и 250 мл.0,9% натриум хлорид) и ампула бедоксин. По добиените резултати, земени се и проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус.

    По завршување на инфузијата состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија и сомнолентност.

    „Докторката која извршила првично преглед побара помош од вториот присутен педијатар. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено е на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог од установата. Во меѓувреме, детето прави срцев застој по што е направена е реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти-педијатри од ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести од Оддел за кардиологија и за неврологија за транспорт во таа здравствена установа. По препорака на специјалистот-анестезиолог во болницата направени се дополнителни анализи. По изјава на двете докторки специјалисти-педијатри по добиените резултати од направените ензимски иследувања за покачени показатели за срцево страдање (креатин киназа и тропонин ) известена е мајката на детето за сериозноста на состојбата. Поради влошување на состојбата, во 14 часот детето е пренесено во службата за интензивно лекување САРИЛ каде е направена кардио-пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана смрт во 15.20 часот“, соопштија од ДЗСИ

    Родителите на Јана по нејзината смрт искажаа сомнеж дека се работи за пропуст во лекувањето на нивното дете и дека состојбата ѝ се влошила по примената инфуција кога шеќерот од 9 се искачил на 19 единици. Таа беше погребана денеска.

    Основното јавно обвинителство Битола денеска соопшти дека издаде наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки, а причината за смрт на девојчето уште не е утврдена.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира