Оваа година треба да заврши изградбата на спортско-рекреативниот центар Пандев во Струмица, вреден повеќе милиони евра, а се очекува на отварањето да гостува италијанскиот тим Интер од Милано. Откако се подигна зградата каде ќе има апартмани, базени, теретани, сауни и фитнес центар, градежни екипи почнаа да го расчистуваат теренот каде треба да се изгради фудбалското игралиште, кое ќе биде според пропозициите на УЕФА со капацитет од 400 посетители.
Струмичкиот фудбалски интернационалец и капитен на македонската репрезентација Горан Пандев потврди дека во август годинава Центарот ќе биде готов и ќе биде отворен со одигрување на фудбалски натпревар. На прашањето со која екипа ќе го сефтоса Академијата својот терен, Пандев кусо одговори:
„Со Интер, каде ќе оди нашиот Јане Атанасов, но рано е да се каже бидејки сѐ уште ништо не е прецизирано“.
Југослав Тренчовски, координатор во Академијата која е позната како расадник на млади фудбалери вели дека деновиве почна изработката на сопствениот фудбалски терен што го изведува бугарска фирма која ги работеше и терените на арената ‘Филип Втори’ и во Штип и Тетово.
„Очекуваме до крајот на април да биде готов теренот и засадена тревата, а нашиот договор е во август годинава да биде првиот натпревар што Академија Пандев ќе го одигра на својот терен. Сигурно ќе го отвориме со некоја звучна екипа и со некој познат фудбалер со кој Пандев настапувал во својата кариера“, вели Тренчовски.
Пандев пред празниците беше во Струмица и на 800 деца од градинките им подели подароци.
Акадeмијата на Горан Пандев е есенски второлигашки првак, чии амбиции се пласман во Првата лига. По празниците сениорскиот тим заминува на подготовки во Гранд Парк Анталија во Турција.
В.ТРАЈКОВ