За намалениот процент на имунизација, советничката во Министерството за здравство Јованка Костова ги обвини несоодветните интернет страници кои водат антивакцинална кампања. Таа изјави дека квалитетот на вакцините е добар и ги повика родителите да веруваат во државата и здравствениот систем, а не во некои интернет страници кои шират страв од вакцинација.
„Уште во минатото гледаме дека луѓето се вакцинирале зашто верувале на здравствениот кадар и на она што ќе им се кажело. Во тој период немало интернети, немало несоодветни веб страници, меѓусебни дојави по телефони, мејлови што сега ги имаат и меѓусебе се подгреваат и токму затоа тогаш се верувало и се вакцинирале. Сега проблем ни прават несоодветните веб страници кои ги следат родителите и сите оние кои треба да се вакцинираат, кај нив се појавува страв од вакцинација и затоа и не се вакцинираат. Секогаш повторувам, треба да се верува во здравствениот систем , на државата, на експертите од таа област“, рече Костова.
Запрашана зошто кога квалитетот на вакцините е добар има случаи на здравствени работници кои на родителите им порачуваат да ја скокнат вакцината до следната пратка, Костова рече дека им одржале семинари на службите за имунизација за да ги убедат дека сѐ е безбедно.
„И ние добивме такви информации и одржавме семинари со сите здравствените работници од службите за имунизација, повикавме и претставник од фармацевтската куќа да ги убедиме здравствените работници дека вакцините се безбедни и квалитетни. Се зборуваше и за начин на производство, какви големи процедури се потребни за да се произведе една вакцина, дека не се штетни состојките што се внатре и се надевам дека ги убедивме здравствените работници, зашто тие треба да бидат подготвени да одговорат на секое прашање од родителот#, рече Костова.
Таа додаде дека вакцините кои моментално се користат во Македoнија се од земјите во ЕУ и истите се употребуваат за имуниација на децата во тие земји.
Деновиве, лекари од Скопје се пожалија дека имунизацијата во главниот град посебно со вакцината против морбили рубеола и перотит е dрастично намалена до 66 проценти и дека родителите ја одлагаат за подоцна. Досега во медиумите и на социјалните мрежи беа објавувани обвинувања на родители кои се сомневаат дека вакцинацијата е главниот виновник за порастот на аутистични деца. Но, лекарите тоа го негираат и апелираат да се ставаат вакцини за да не се вратат болестите кои се искоренети пред многу години, а имаат смртен исход.
Во Битола процентот на имунизација е доста висок и изнесува 90 проценти за редовната имунизација, а 5.000 битолчани се вакцинираат од сезонски грип.
„Битола од секогаш можела да се пофали со висока здравствена култура, ако се има во предвид дека првата помасовна вакцинација била спроведена во 1912 година, кога 9.500 луѓе се вакцинирале од големи сипаници“, рече Тони Коњановски, директор на Центарот за јавно здравје од Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА