ИСЕЧЕНИ ЧЕТИРИЕСЕТИНА ДРВЈА ПРИ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦА ВО ЦЕНТАРОТ НА ТЕТОВО

    ИСЕЧЕНИ ЧЕТИРИЕСЕТИНА ДРВЈА ПРИ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦА ВО ЦЕНТАРОТ НА ТЕТОВОУлицата Страшо Пинџур се наоѓа во самиот центар на градот и беше една од најзелените улици благодарение на триесетината големи дрвја кои тука беа засадени пред повеќе децении. (Фото: СДК.МК)

    Реконструкцијата на улицата Страшо Пинџур во Тетово за почна така што беа исечени 40-на поголеми и помали дрвја кои беа на тротоарите, што предизвика голем револт кај жителите.  Градоначалникот Билал Касами вели дека тоа било неопходно кога се работело за целосна реконструкција на улица.

    Улицата Страшо Пинџур се наоѓа во самиот центар на градот и беше една од најзелените улици благодарение на триесетината големи дрвја кои тука беа засадени пред повеќе децении.

    Реконструкцијата на улицата почна минатата година, непосредно пред почетокот на локалните избори како уште едно ветување на тогашната градоначалничка на Тетово Теута Арифи. Таа изборите ги изгуби, а улицата остана раскопана и калива во изминмативе неколку месеци. Новиот градоначалник на Тетово Билал Касами ветуваше дека најитно што може ќе ја заврши започнатата реконструкција, но постојано се жалеше дека проектот бил погрешно направен бидејќи била изоставена канализационата, водоводна и електрична мрежа.

    „Досега многу пати ме прашуваа кога ќе биде завршена реконструкцијата на оваа улица. Еве сега започнавме со целосната реконструкција на подземна и надземна инфрастуктура, а тоа значи значи канализација, водовод, тротоари, а ќе се засадат и нови дрвја кои ќе бидат соодветни на новиот проект. Овие дрвја се исечени затоа што тоа е според планот за реконструкцијата. Не може да кажеме дека ќе реконструираме една улица, ама еден дел нема да реконструираме. Тука ќе бидат засадени дрвја соодветни на местото, а можеби ќе треба да ги прашаме граѓаните какви дрва да засадиме. Сега јавноста се сензибилизира не за тоа што правиме реконструкцијата на улицата, туку зошто се исечени дрвјата, што не е вистина дека се исечени, туку ќе се сменат согласно реконструкцијата на улицата. Ако до јавноста сакаме да пренесеме амбиент дека ние правиме нешто погрешно и ако е целта после 4 години пак да дојде Теута, нека дојде, јас и понатаму ќе работам во интерес на граѓаните“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    Со ваквата постапка на сечење на дрвјата не се согласуваат советниците од движењето „Подобро за Тетово“ кои се дел од Советот на Општина Тетово.

    „Во европските земји па и во целиот свет дрвјата веќе имаа регистар каде се водат според квалитетот на дрвото, годините и слично. Во нашиот град дрвата се сечат секој момент без некој да одговара. Се надеваме дека ќе се стопира понатамошното сечење на дрвата и ќе се преземат соодветни мерки. Дрвјата не мораше да бидат исечени бидејќи не се променува профилот на улицата туку само се реконструираат материјалите, па во овој случај дрворедот требаше да остане. Тоа е така зашто е законски пропишано. Градоначалникот вика дека ќе посади адекватни дрва, тоа значи дека требаат дрва кои растеле на плантажи и до 10 години, а знаејќи какви финансиски проблеми има Општината, таа нема пари да финансира десетици илјади евра за едно дрво“, вели Хамди Сулејмани од движењето „Подобро за Тетово“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира