ИСЕЛУВАЊЕТО ЈА ОСТАВИ БИТОЛА БЕЗ ДОВОЛНО СРЕДНОШКОЛЦИ, И ТРОЈКАШИ СЕ ЗАПИШУВААТ НА МЕДИЦИНА

    ИСЕЛУВАЊЕТО ЈА ОСТАВИ БИТОЛА БЕЗ ДОВОЛНО СРЕДНОШКОЛЦИ, И ТРОЈКАШИ СЕ ЗАПИШУВААТ НА МЕДИЦИНАПоради намалениот број на средношколци, и ученици со тројки и четворки во свидетелствата успеваат да се запишат во средното Медицинско училиште во Битола, каде до пред десетина години учеа само оние со сите петки (Фото: СДК.МК)

    Битола се празни, а иселеничкиот бран кој трае неколку години, ги спушти критериумите за упис дури и во најпрестижните средни школи во градот. Така, ученици со тројки и четворки во свидетелствата успеваат да се запишат во средното Медицинско училиште во Битола, каде до пред десетина години образованието го продолжуваа само ученици со сите петки.  Поради намалениот број на ученици школото не успева да ги пополни местата за уписи во јуни, па во августовскиот уписен рок ги намалува поените  и се запишуваат ученици со послаб успех.

    „Порано дури и приемен полагаа тие што сакаа да се запишат во Медицинското училиште, а денес се примаат и ученици со послаб успех, ученици кои во свидетелствата имаат четворки, тројки. Во паралелките за медицински сестри сѐ уште се запишуваат најсолидните ученици, оние одличните, а на смерот за очна оптика има најголем број запишани и најчесто со послаб успех“, велат професори од школото.

    Директорката на Медицинското училиште Јасмина Никиќ Десановска, на прашањето дали  во школото запишуваат ученици со тројки и четворки, преку телефонска порака ни потврди дека  запишуваат и ученици со послаб успех на августовскиот уписен рок, но дека тоа е предвидено со конкурсот за упис во средните училишта.  Не прецизираше со колку послаб успех се учениците, но истакна дека постапуваат според законските прописи и одобренија од Министерството за образование кое ја креира уписната политика.

    Во конкурсот за упис во средни училишта пишува дека во школите со здравствена струка кои нема да ги пополнат слободните места при упис во јуни, ќе мора да достават до Министерството за обрзование барање за согласност за намалување на поените за упис во август.

    Од намалениот наталитет и иселувањето штета трпат и други средни школи во Битола. Така, во идната учебна година Економското училиште ќе биде со една паралелка помалку. Во Земјоделското училиште сега има стотина ученици, а пред десетина години дури 700.

    Советниците од Општина Битола, поради намалениот број ученици, пред три години дадоа согласност во повеќе основни и средни училишта да се формираат паралелки со помал број на ученици од законскиот минимум. Таков беше примерот со Техничкото, Земјоделското  училиште и гимназијата „Таќи Даскало“. Законскиот број на ученици во една паралелка е 25, а во повеќе битолски училишта има паралелки со 10, 12, 15 ученици. Ако  се соединат паралелките  тоа ќе доведе до суфицит на наставен кадар што би значело можност за отпуштања од работа.

    Нема официјални бројки  колку семејства се иселени од Битола , но неофицијално се споменува дека градот паднал од 90.000 на 60.000 жители.  Годинава, битолското образование брои 13.000 ученици во основните и средните училишта. За  споредба со 1998, кога на територијата на општина Битола имало над 12.000 ученици во основното образование, сега бројката е едвај 7.500. Кај средношколците, тогашната бројка била околу 8.000, а сега се намали на  4.000 ученици.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира