НА ШТИПСКИОТ ПЛОШТАД ИСКРШЕНИ СЛИКИТЕ НА ПЕТТЕМИНА ШТИПЈАНИ ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА, А ПОЛИЦИЈАТА ВЕЛИ НЕ Е ПРИЈАВЕН ТАКОВ НАСТАН

    НА ШТИПСКИОТ ПЛОШТАД ИСКРШЕНИ СЛИКИТЕ НА ПЕТТЕМИНА ШТИПЈАНИ ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА, А ПОЛИЦИЈАТА ВЕЛИ НЕ Е ПРИЈАВЕН ТАКОВ НАСТАНИскршени се сликите во рамки, некои брутално биле смачкани со нога, а полицијта вели дека не постапила оти не бил пријавен таков настан. (Фото: ТВ М-НЕТ)

    Плоштадот во Штип утринава осамна со искршени врамени фотографии на петтемина штипјани кои загинаа во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март. Овие фотографии уште во првите денови од трагедијата беа ставени на плоштадот и досега кај нив минувачите палеа свеќи и положуваа цвеќиња.

    Штипјани ја отфрлаат веројатноста дека ветерот ги бутнал сликите затоа што во Штип претходно имало денови кога ветерот бил многу посилен. Дека станува збор за вандализам покажува и тоа што на една од сликите јасно е видливо дека била брутално смачкана, најверојатно со нога.

    Од полицијата околу 14 часот соопштија дека не добиле пријава за таков настан и затоа не постапиле, иако вест за вандализмот објави„ТВ М-НЕТ“ два часа претходно.

    Роднини и блиски на починатите во дискотеката веднаш по вандализмот го расчистиле местото, сликите ги обновиле и сега пак се поставени на истото место. Тие бараат брзо да се откријат сторителите и најстрого да се казнат.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира