Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека МВР ги испитува причините за пожарот, а не во каква состојба е мостот „Беласица“ во Скопје, дали низ него може да се одвива сообраќај и дали е потреба реконструкција. Градоначалничката Данела Арсовска вчера, гостувајќи на телевизија 21, кажа дека ги чека извештаите на надлежните институции МВР и ЦУК и дека не зависи од Градот колку ќе биде затворен мостот.
„Извештаите кога ќе бидат готови ќе бидат доставени до надлежните институции, тоа што е работа на МВР. Инаку, испитувањата што треба да бидат направени дали пожарот придонел за намалување на статиката на мостот не е обврска на МВР“, кажа министерот Спасовски одговарајќи на новинарско прашање кога ќе се испратат извештаите за опожарениот мост на Вардар кај трговскиот центар „Ист гејт“.
Мостот „Беласица“ петти ден е затворен. Од Град Скопје нема никаква информација за мостот, нема објава на официјалната страна дека тој е затворен за сообраќај, ниту Арсовска се појави да даде информација на граѓаните. Досега информации даваше само директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, кој исто така вчера кажа дека Градот Скопје има обврска да го води процесот на утврдување на штетите и што ќе се прави со мостот.
Мостовите во Градот се под належност на Град Скопје. Мостот „Беласица“, со кој се растовари сообраќајот на Бит Пазар и се овозможи алтернативен пристап до железничката станица и Општина Аеродром, почна да го гради ексградоначалникот Ристо Пенов, а беше завршен во време на Трифун Костовски. Град Скопје сега е должен да направи работна група од професори од Градежен факултет и стручни лица од Градот кои треба да оценат во каква состојба е мостот, дали е нарушена статиката и дали е потребна санација. Ако мостот треба да се санира, тогаш Градот треба да распише тендер за избор на фирма која ќе ги врши градежните работи.
А. АНТЕВСКА