ИСТЕЧЕ РОКОТ ЗА САМСОНЕНКО ЗА ИЗГРАДБА НА ХОТЕЛОТ СО ОФИЦЕРСКИ ДОМ НА ПЛОШТАД, ТОЈ ВЕЛИ ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО ОПСТРУИРА

    ИСТЕЧЕ РОКОТ ЗА САМСОНЕНКО ЗА ИЗГРАДБА НА ХОТЕЛОТ СО ОФИЦЕРСКИ ДОМ НА ПЛОШТАД, ТОЈ ВЕЛИ ОПШТИНА ЦЕНТАР ГО ОПСТРУИРААко Самсоненко не плаќа пенали на Општината, договорот се раскинува и земјиштето се враќа на државата. (Фото: СДК.МК)

    Истече рокот од 10 години за рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко да го изгради хотелот со Офицерски дом на Плоштад Македонија во Скопје. Како што велат од Општина Центар за САКАМДАКАЖАМ.МК, според договорот за продажба на градежното земјиште, инвеститорот бил должен да го изгради објектот до 10 април 2022 година, што досега не е направено.

    Тоа значи дека сега инвеститорот за секој месец доцнење со градбата ќе плаќа пенали на Општината. Доколку не плаќа и после три последователни опомени на сметката на Општината не легнат пари, тогаш договорот се раскинува и земјиштето се враќа во сопственост на државата, односно во овој случај, на Општина Центар.

    „Инвеститорот СИС Инвест груп, со управител Сергеј Самсоненко, е обврзан согласно договор за отуѓување на градежно земјиште со електронско јавно наддавање, склучен во 2011 година, да изгради хотел на Плоштад Македонија, во кој се предвидени и државни институции. Имено, СИС Инвест груп, беше во стечај сѐ до почетокот на 2021 година. Од јануари, 2021 до 10 април 2022 година, на посочениот објект инвеститорот не презел никакви градежни активности кои би значеле завршување на објектот т.н. Офицерски дом. Инвеститорот во 2021 година поднел барање за измени во тек на градба, меѓутоа истото, согласно Законот за градење, од формално-правни причини е отфрлено. На ова, инвеститорот има поднесено жалба, за која постапката е сѐ уште во тек“, велат од Општина Центар.

    Од правниот тим на Самсоненко, пак, за САКАМДАКАЖАМ. МК велат дека инвеститорот сака да го изгради хотелот со Офицерски дом на Плоштад Македонија, но постојано се соочува со опструкции, а во моментов тие се од Општина Центар. Најпрво застој на градба имало поради неоснованото поведување на стечајната постапка од фирмата „Кратер“, која траела две години и се запира на 29 декември 2020.

    „Како втора причина за застојот во довршување на изградбата се постојаните опструкции од страна на Општина Центар кои се технички и не може да се продолжи градењето. Инвеститорот до Општина Центар преку електронскиот систем е-дозволи поднел Барање за одобрување на измени во тек на изградба за издадено Одобрение за градење кое треба да се одобри за да продолжи градбата, Откако инвеститорот постапил по Пресметката на Град Скопје за регулирање на надоместок за уредување на градежно земјиште и уредно ги платил комуналиите, во февруари 2022 година целосниот предмет бил предаден на градоначалник на Општина Центар, за негово понатамошно постапување. Меѓутоа, од денот на предавање на предметот на градоначалникот на Општина Центар, истиот не постапува кон потпишување, односно склучување на Договор за регулирање на надоместок за уредување на градежно земјиште“, велат од адвокатското друштво Менкиноски, кое е правен застапник на Самсоненко.

    Поради непостапување на Општина Центар бил побаран вонреден инспекциски надзор од Државен управен инспекторат по што, како што велат адвокатите на Самсоненко, било донесено решение во нивна корист.

    „И покрај тоа, градењето на определени блокови на Офицерски дом сепак е во тек. Но, со оглед на фактот дека од денот на издавање на правосилно Одобрение за градење во 2012 била извршена промена на сопственичката структура кај инвеститорот, потоа врз инвеститорот беше отворена стечајна постапка, настана вонредна ситуација поради пандемија на ковид-19, а вооедно и постојаните технички опструкции од страна на Општина Центар и непостапување по барањата на инвеститорот, значително ги отежнија и ги оневозможија на некој начин реализациите на проектите на инвеститорот“, дадоваат од адвокатското друштво Менкиноски.

    Од Општина Центар велат дека обвинувањата за опструкции се неосновани.

    „Ние сакаме објектот да се догради, да нема онакво градилиште во строгиот центар на градот, но мора да се почитуваат процедурите и законите“, велат од Општина Центар.

    Хотелот, што според најавите требаше да биде од синџирот хотели „Мериот кортјард”, и Офицерскиот дом кој треба да биде резиденцијален кабинет на градоначалникот на Скопје и да има матична служба, почна да го гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас во 2011. Тогашната влада на Никола Груевски преку Министерството за транспорт и врски му го продаде ова атрактивно земјиште со површина од 6.300 метри квадратни по цена од 100 евра по квадрат. Но, откако Кондоминас во 2015 беше уапсен во Грција поради затајување данок, проектот го презеде Сергеј Самсоненко кој ја купи фирмата на грчкиот бизнисмен за 600.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира