Советниот од ВМРО-ДПМНЕ и заменик-градоначалник на Битола Бојан Бојкоски се сомнева во манипулации со пријавите за каснувања од улични кучиња. Тој на денешната седница побара надлежните институции да ги испитаат случаите за пријавени каснатици од кучиња.
„Се случувало исти адвокати од Скопје и исти лекари да потпишуваат по пет пати во ист ден дека некои лица се каснати од кучиња“, рече Бојкоски на денешната седница на Советот на Општина Битола, каде се донесени одлука со прифатилиштето за бездомни кучиња да стопанисува ЈП „Комуналец“.
Според податоците, за три години дури за седум пати пораснал износот за отштета што го исплатила Општина Битола по тужби на граѓани каснати од кучиња. Во 2023 година исплатени се 7. 769.952 денари (126.340 евра), во 2022 година 2. 885. 115 денари (46.912 евра), во 2021 година 1. 129.000 денари (18.350 евра).
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска од Поинаку рече дека прифатилиштето е проект кој тие го предложиле и за кој се залагале со години, па побара да му се додаде името „Хаџико“ како што предложила и претходно. Искритикува дека наместо 40 милиони денари колку што првично биле одобрени за изградба на прифатилиште, се потрошиле помалку пари и се направила настрешница. Таа од говорница, пред советниците од телефон пушти изјава од градоначалникот на Битола пред две години во која вели дека ќе се објават јавни набавки за адаптација на објект за прифаќање на животни и изградба на настрешница.
„Работите се прават половично, имаме настрешница со 55 легла, а на Советот беше изгласано прифатилиштето да има 250 легла. Тоа нема да има ветеринарна станица, туку надворешен оператор за ветеринарни услуги. Третирањето на кучињата нема да биде целосно, ќе бидат третирани максимум до 30 дена, а потоа ќе бидат враќани на локациите. И претходно имавме ваква услуга каде ‘Комуналец‘ ги собираше кучињата, само што условите беа многу полоши. Задоцнета е реализацијата зашто во изминатите две години сме дале околу 150.000 евра за оштета на лица каснати од кучиња. И бројот на кучиња е зголоемен за три пати“, рече Илиевска, додавајќи дека сепак ќе ја поддржат одлуката зашто значи чекор напред.
Советниот Бојкоски рече дека ако се правел поголем објект тоа ќе значело дополнителни непотребни трошоци за Општината.
„Остварено е ветувањето за изградба на прифатилиште за бездомни животни. И тоа не е настрешница туку прифатилиште со капацитет за 55 кучиња. Во објектот се вложени околу 70.000 евра од Општина Битола, а доколку се градеше целиот објект тоа ќе чинеше милион евра. Такви непотребни трошоци во моментот не се потребни во Општина Битола“, рече Бојкоски.
Додаде дека ветеринарна станица не може да има зашто таква услуга не даваат ни Општината, ни „Комуналец“.
Советникот Ѓоргти Ѓоргиевски изјави дека стационарот ќе проработи до септември годинава и за една година ќе истретира 75 проценти од кучињата во градот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА