Никако да заврши реконструкцијата на најстариот парк зад автобуската станица во Куманово, кој требаше да биде паметен и модерен простор за рекреација граѓаните. Наместо за 6 месеци како што првично беше најавено, реконструкцијата се влече повеќе од 20 месеци и нема изгледи дека наскоро ќе заврши. Граѓаните и советниците во Советот на Општина Куманово реагираат дека паркот две лета е неупотреблив бидејќи нема урбаната опрема. Единствено што е во функција е паркингот кој беше изграден на дел од зеленилото, првенствено за автомобилите на вработените во јавните институции во тој дел на градот.
„Граѓаните се жалат затоа што моментално состојбата е полоша отколку пред започнување на работите. Таму кога ќе излезат луѓето немаат клупи каде да седнат, да одмораат, тие што беа се уништени, а нови не се поставени. Веќе заборавивме кога се почнати работите во Градскиот парк, кога ќе завршат, кој е последниот рок. Зошто толку се одолговлекува работата и постапката, каде е проблемот?“, праша советничката Арта Мемеди Адеми од ДУИ.
Проектот „Изградба на смарт парк – Градски парк Куманово“ започна во март 2022 година и го имплементира Центарот за развој на Североисточниот Плански Регион. Предвидува реконструкција на постоечките и изградба на нови рекреативни содржини, како и инсталирање на нова модерна урбана опрема, единствена во градот. Краен корисник на смарт паркот е Општина Куманово.
„Проектот предвидува изградба на ново кошаркарско игралиште, парк за миленици, изградба на нови пешачки патеки, како и изградба на паркинг простор. Во рамки на проектот кој е смарт, предвидено е поставување соларни канделабри, паметни кантички коишто ќе имаат сензори што ќе јавуваат кога се преполни за да може ЈП ‘Чистота и зеленило‘ навреме да ги исчисти, а предвидено е и поставување смарт клупи, преку коишто посетителите ќе можат да користат интернет конекција. Предвидено е градежните работи да завршат до крајот на септември, но се очекува дека тоа ќе се случи многу порано“, кажаа надлежните од Центарот за развој на Североисточниот Плански Регион, кога започна проектот.
Според првичниот проект вредноста на целата инвестиција изнесуваше 11,22 милиони денари (околу 180 илјади евра), а парите ги обезбеди Биротот за регионален развој и Министерството за локална самоуправа од програмата за рамномерен регионален развој за 2021/2022 година. Подоцна беше направена измена во проектот поради пропусти во однос на поставеноста на гасоводната мрежа, па Општина Куманово обезбеди уште 2,3 милиони денари (околу 38 илјади евра) заради изградба на рабници, бекатон, шахти, кои не биле предходно предвидени. Сега фалат пари да се доврши.
Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека поголем дел од паркот е завршен, со асфалтирање на пешачките патеки, поставување на рабници, кастрење и сечење на склонопадните дрвја, изградба на паркинг и пешачка патека на кејот на реката Липковка. Според него, Општината треба да ги добие средства од Бирото за регионален развој, кои ќе ги употреби за довршување на паркот.
„Оваа година на Општина Куманово и следуваа 36 милиони денари по основ на рамномерен регионален развој, но за жал ќе добиеме само 16 милиони денари. Тие средства требаше да се на располагање на Општината до крајот на мај, за да можеме да го завршиме проектот. Доколку не ни ги дадат парите од државата кои ни следуваат по закон имаме буџет и во следната година ќе ги предвидиме тие средства и ќе го изградиме паркот како што е предвиден со проектот“, истакна Димитриевски.
Тој потврди дека старите клупи се извадени, а новите смарт клупи не се монтирани, бидејќи треба да се обнови електричната инсталација за поставување на ново осветлување на паркот.
С.НИКОЛИЌ