ИЗЈАВАТА НА МЕРКО ЗА ДЕПОРТИРАЊЕ НА ПИТАЧИТЕ ОД СТРУГА НЕ БИЛА ДОБРО СФАТЕНА, НО СЕПАК СЕ ИЗВИНИЛ

    ИЗЈАВАТА НА МЕРКО ЗА ДЕПОРТИРАЊЕ НА ПИТАЧИТЕ ОД СТРУГА НЕ БИЛА ДОБРО СФАТЕНА, НО СЕПАК СЕ ИЗВИНИЛВо дописот до Народниот правобранител, од Мерко било наведено дека медиумите не го разбрале и го извадиле од контекст. (архивска фотографија)

    Европскиот центар за правата на Ромите доставил претставка до Народниот правобранител за изјавата на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко во која тој вели дека ќе ги депортира питачите од Струга, кои според него доаѓаат од другите градови на државата на питачење во градот.

    Во претставката за вршење на дискриминација по основ на етничка припадност, раса и боја на кожа, припадност на социјална група, имотен статус или припадност на маргинализирана група стои дека изјавата, која ја има пласирано градоначалникот на Општина Струга во јавноста, претставува дискриминација на Ромите.

    Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека утврдиле дискриминација и побарале од Мерко да ја повлече изјавата и да се извини за таквиот начин на презентирање на активност, која според Мерко, има за цел да заштити определено подрачје или определени туристи.

    „Веднаш откако ја добивме претставката ја разгледавме, го обезбедивме и видеоматеријалот од изјавата. Утврдивме дека има тон на дискриминација во дел од изјавата по неколку дискриминаторски основи за што одлучивме да доставиме препорака до градоначалникот за отстранување на овие повреди. Во неговата изјава ние никаде не можеме да видиме дека станува збор за некоја целна група како што се наведува во претставката дека се мисли за ромската заедница. Факт е дека најголем број од питачите се припадници на ромската заедница што значи дека индиректно укажува на определена етничка заедница“, вели Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-народен правобранител.

    Дискриминацијата е противзаконито дејствие особено доколку ставовите доаѓаат од личности кои се на јавни функции, вели Бајрамоска и додава дека градоначалничката функција е да се грижи за граѓаните на општината, но и на оние кои доаѓаат од надвор.

    „Укажавме дека не е ниту негова работа ниту негова обврска ниту може да се впушти во нешто такво, како што тој го нарекува депортирање или лишување од слобода на питачите како ранлива категорија граѓани“, вели Бајрамоска.

    Во одговорот од Мерко пак било наведено дека медиумите не го разбрале и го извадиле од контекст. Тој не посочил ниту боја на кожа, ниту етникум, ниту национална и верска припадност. Напоменал дека негова надлежност е да ја води општината и има обврска да се грижи за граѓаните и за сите гости кои го посетуваат градот.

    „Мерко истакна дека не е во негова надлежност да врши депортација, иако тоа тој јавно го кажа. Неговата намера била со таквата изјава да упати апел до Министерството за внатрешни работи да ја изврши својата работа согласно надлежностите за да ги заштити интересите на граѓаните на Струга“, вели заменик народниот правобранител.

    Во неговиот допис доставен до Народниот правобранител градоначалникот на Струга наведува дека жали доколку ваквото негово произнесување доведе до ситуација некој во има на група или заедница да покрене претставка и се извинил доколку некого навредил со неговата изјава.

    „Народниот правобранител го затвори предметот бидејќи Мерко не извршил никакви дејствија за депортација, а со самото извинување потврди дека ја сфатил својата грешка. Питачењето претставува сериозна појава и треба мултисекторски да се надмине а не со депортирање и постапување надвор од надлежностите“, додава Бајрамоска.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира