ИЗРАЕЛСКИОТ АМБАСАДОР ОРИЈАН ЗНАЕ ДЕКА ЕВРЕЈСКИТЕ ГРОБИШТА СЕ ПОД ЗАШТИТА И НЕ СМЕ НАДЛЕЖНИ ДА ДАДЕМЕ ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА НА СПОМЕНИК, ВЕЛИ ОПШТИНА БИТОЛА

    ИЗРАЕЛСКИОТ АМБАСАДОР ОРИЈАН ЗНАЕ ДЕКА ЕВРЕЈСКИТЕ ГРОБИШТА СЕ ПОД ЗАШТИТА И НЕ СМЕ НАДЛЕЖНИ ДА ДАДЕМЕ ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА НА СПОМЕНИК, ВЕЛИ ОПШТИНА БИТОЛАСпоменикот во вид на сончев часовник беше направен лани и стои во дворот на приватна фирма, а на гробиштата е поставен постамент за кој исто така е потребно одобрение од Министерството за транспорт и врски. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола одговори дека не е надлежна да издаде одобрение за градење споменик на Еврејските гробишта во градот, откако израелскиот амбасадор во земјава Дан Оријан во медиуми критикуваше дека една година чека споменикот во вид на сончев часовник да се постави и дека сè зависи од Општина Битола.

    „Не можам да разберам зошто толку долго траат административните процедури за поставување на споменикот. Сè е спремно и зависи само од Општината, но одговор немаме никаков. Овој споменик за нас има емотивно значење, но и Битола ќе има многу голема корист од него, Евреите ќе сакаат да ги постетат гробовите на роднините, па замислете каков продонес би имал еден ваков споменик за туризмот во градот“, изјави амбасадорот Оријан за порталот А1он.

    Од Општина Битола велат дека не ја кочат процедурата оти во 2018 својата кооперативност ја покажале на дело со тоа што донеле одлука на Советот за поставување на споменик на Еврејските гробишта. Но, по ова во 2019 е донесено решение од Управата за заштита на културно наследство дека ова е културно наследство од прва категорија. Оттука, заштитата ја има Управата во Скопје, а надлежноста за градење е на Министерството за транспорт и врски.

    „При увидот во документацијата, констатирано е дека средствата за овој споменик се обезбедени од страна на Министерството за култура и меѓународни донации. Согласно Законот за градење, објектот е од прва категорија, што значи дека е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Исто така, со Решение од Управата за заштита на културното наследство од 05.07.2019 година, споменичната целина се прогласува за значајно културно наследство од прва категорија. По донесувањето на Решението од страна на Управата за заштита на културното наследство, доколку има потреба, може други надлежни органи да донесат соодветни акти во врска со овој споменик“, соопшти Општина Битола.

    Од таму додаваат дека сите одговори се доставени до амбасадорот Оријан и дека Општината ги почитува Евреите и Израел како пријателска земја.

    Споменикот во вид на сончев часовник беше направен лани и стои во дворот на приватна фирма, а на гробиштата е поставен постамент за кој исто така е потребно одобрение.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира