ИЗВЕШТАЈОТ ЗА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ Е ПРЕДАДЕН НА АРСОВСКА, ПОТРЕБНА Е ЛЕСНА САНАЦИЈА, ВЕЛИ ГАРЕВСКИ

    ИЗВЕШТАЈОТ ЗА МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ Е ПРЕДАДЕН НА АРСОВСКА, ПОТРЕБНА Е ЛЕСНА САНАЦИЈА, ВЕЛИ ГАРЕВСКИТимот на Гаревски на централниот распон на мостот немал пристап, па испитувањето на каблите за преднапрегање во тој дел се направени врз основа на снимка од дрон која тој ја смета за релевантна. (Фото: СДК.МК)

    Извештајот за мостот „Беласица“, кој беше опожарен на 12 мај, е предаден во Град Скопје и тој покажува дека нема сериозни оштетувања, вели професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени кој ја правеше експертизата. Гаревски вели дека на мостот му е потребна лесна санација.

    „Драфт верзијата е предадена во Градот. Степенот на оштетување, според квалификациите прифатени во светот, спаѓа во лесни оштетувања. Има позабележително опаѓање на бетон, но каблите не се откриени ниту оштетени”, вели Гаревски.

    Тој додава дека Градот не може да интервенира сè додека ЕСМ не ја отстрани топловодната цевка.

    Тимот на Гаревски на централниот распон на мостот немал пристап, па испитувањето на каблите за преднапрегање во тој дел се направени врз основа на снимка од дрон која тој ја смета за релевантна. Снимката се правела само странично, бидејќи како што вели Гаревски, ‘под цевките за парно има жици и дронот не може таму да се движи‘.

    „На мостот не му е потребно зајакнување бидејќи од визуелната слика што ја добивме од снимката за дрон се гледа дека каблите за преднапрегање не се оштетени, односно не се здобиле со висока температира. Оштетен е само бетонот и треба на долната плоча да се постави заштитен бетон“, кажа Гаревски на 19 јуни.

    За да се испита состојбата на внатрешните кабли за преднапрегање на мостови мора директно да им се пристапи и постојат специјални технологии за тоа, кажа францускиот експерт Жулијан Ердоган, кој беше еден од говорниците на тематската конференција „4С“ на Градежниот факултет на 22 јуни, што се одржа по повод 60 години од земјотресот во Скопје. Тој одговори на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали е можно оштетувањата на мостот „Беласица“ да се испитаат со дрон, откако Гаревски заклучи дека на опожарениот мост му е потребна само лесна санација, откако извршиле испитување со дрон.

    „Проектот не ми е познат во детали, но ако збориме за каблите за преднапрегање што се наоѓаат во мостот, постои технологија која овозможува да се испита нивната состојба. Ако каблите се надворешни, тогаш можеме директно да им пристапиме, а ако се внатрешни, има две различни технологии кои можат да се применат за нивно испитување. Значи, ако преднапрегањето е внатрешно, потребно е да се пристапи директно до каблите. За внатрешните кабли кои едноставно не се видливи постојат соодветни технологии за да се процени и испита нивната моментална состојба“, вели Ердоган кој е регионален директор на француската компанијата „Фресине“ специјализирана за конструкција на мостови со преднапрегање.

    Инженерската компанија „Фресине“, која има подружници во повеќе од 60 држави низ цел свет, е основана пред 80 години од Ежен Фресине, кој важи за пронаоѓач на преднапрегањето во градежништвото.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира