ИЗВОРОТ НА КОРУПЦИЈА СЕ ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ, КАЖА АКАДЕМИК КАМБОВСКИ НА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКАТА ШКОЛА ПО ПРИРОДНО ПРАВО

    ИЗВОРОТ НА КОРУПЦИЈА СЕ ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ, КАЖА АКАДЕМИК КАМБОВСКИ НА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКАТА ШКОЛА ПО ПРИРОДНО ПРАВОКај нас корупцијата е претворена во еден системски проблем и влезена е во сите пори на општеството, од највисоката власт до најниските слоеви на остварување на каква било политичка и економска моќ, смета Камбовски. (Фото: СДК.МК)

    Академик Владо Камбовски, на Летната школа по природно право која почна во Охрид и ќе трае цела недела, кажа дека корупцијата кај нас тргнува од политичките партии. Партиите треба да почнат да ги почитуваат Уставот и законите, предупреди тој.

    „Изворите на корупција се во политичките партии. Оттаму почнува сè. Потребна е радикална реформа на правниот режим за политичките партии кои мора да се подредат на владеењето на правото, да го почитуваат Уставот и законите. Следствено на тоа, треба промени на изборниот систем кој овие 30 години има воспоставено правила на давање и земање, потребни се нови сили кои не се оптоварени со игри помеѓу политичките партии“, рече Камбовски.

    Клучот во борбата со корупцијата, според него, е човечкиот фактор и смета дека имаме добра правна рамка за борба со корупцијата и организираниот криминал, усогласена со европските норми и стандарди и меѓународните конвенции.

    Но мора да има поголема решителност кај носителите на различните функции, особеност во делот на судството. Кај нас корупцијата е претворена во еден системски проблем, има длабоки корени. Влезена е во сите пори на општеството, од највисоката власт до најниските слоеви на остварување на каква било политичка и економска моќ. Поткупот царува на сите страни, од најситните службеници, до некои водечки функционери“, кажа академик Владо Камбовски на отворањето на Охридската школа по природно право, која е на тема „Препознавање и разбирање на организираниот криминал и корупцијата во контекст на владеење на правото”.

    Според него, потребно е да се забрза процесот на интеграција на државата со поддршка на ЕУ, но и да се засили мониторингот за да се смени климата на корупција кај нас.

    Енономските последици од корупцијата се големи, смета академик Таки Фити. Потребна е системска борба, реформи во судството и вадеење на правото.

    „Постојат претпријатија кои имаат моќ да диктираат цени и да остваруваат високи профити врз база на стекнатите монополистички позиции преку зголемување на цените. Антимонополската комисија, за жал, кај нас не покажува соодветни резултати. Друг домен каде македонската економија претрпува штети се јавните набавки, тендери каде има местење, едни исти фирми ги добиваат. Од друга страна, таму каде што има голема корупција странските инвеститори се обесхрабруваат да влегуваат“, вели Фити.

    Според него, сериозен е и проблемот со иселувањето на младите, посебно високообразованите, кои покрај финансиите заминуваат и поради корупцијата и политичкото влијание.

    Вирџинија Елиот, директорката на Канцеларијата за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД, истакна дека борбата против организираниот криминал и корупцијата, владеењето на правото, независно судство, се најголемиот предизвик за демократизацијата на Македонија и нејзината интеграција во ЕУ.

    „Амбасадата на САД ќе продолжи да се фокусира на владеењето на правото и ќе продолжи да соработува со вас за одговорна власт и независно судство. Ве повикувам да бидете храбри во нудењето решенија, подготвени на акција, посветени кон изградба на демократски институции во земјата. Држете се до највисоките стандарди, бранете ги човековите права, борете се против нееднаквоста и политичкото влијание што го разјадува независноста на судството“, рече таа.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира