ЈA НАПРАВИВМЕ БИТОЛА ДИЗНИЛЕНД СО НОВИТЕ БЕЛИ КЛУПИ, РЕАГИРАА СОВЕТНИЦИТЕ

    ЈA НАПРАВИВМЕ БИТОЛА ДИЗНИЛЕНД СО НОВИТЕ БЕЛИ КЛУПИ, РЕАГИРАА СОВЕТНИЦИТЕДел од советниците сметаат дека изгледот на клупите кои имаат светла боја и потпирач не соодветствуваат на амбиентот на Широк Сокак. (Фото: СДК.МК)

    „Ја направивме Битола Дизниленд“, рече осврнувајќи се на изгледот на новите клупи на Широк Сокак и детските паркови во градот, советничката од ДОМ, Анастасија Трајковска, по професија архитект, која е претседателка на работното тело кое ја изработува новата Програма за поставување урбана опрема во Битола.

    За новите клупи со кои Јавното паретпријатие „Комуналец“ од Битола ги замени претходните на Широк Сокак, се дискутираше на денешната седница на Совет на која на дневен ред беа завршните сметки на ова јавно претпријатие кое годината ја заврши со 24 милиони денари загуба. Дел од советниците сметаат дека изгледот на клупите кои имаат светла боја и потпирач не соодветствуваат на амбиентот на Широк Сокак, па бараа одговор од директорот Горан Степановски кој го одобрил тоа.

    „Овие проблематични клупи за кои зборуваме, никнаа точно на денот кога го имавме првиот работен состанок околу новата Програма за урбана опрема и сите во салата беа шокирани од клупите. Градот е на сите, постојат правила и норми како треба да изгледа. Како може да се постави урбана опрема која е за граѓаните на цела Битола без одобрение од стручна фела или комисија. Не се само клупите, туку и детските игралишта. На новото работно тело рековме ‘градот го направивме Дизниленд’ , без разлика дали е донација или го плаќаат граѓаните, мора да се внимава како ќе изгледа“, рече Трајковска.

    На Комисијата за финансии и буџет одржана пред неколку денови, беше побарано од директорот да го достави договорот со фирмата преку која беа набавени клупите, финансиската конструкција, но и евентуална дозвола од надлежна институција за нивно поставување. Степановски денес на советниците им го даде бројчето од јавнaта набавка, а рече дека во текот на седницата ќе им го испрати и договорот.

    По ова, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, изјави дека го отвориле договорот и испаднало дека во Битола се поставени исти клупи како оние во Охрид.

    „Може цела Македонија да продолжи да си игра мајтап со нас бидејќи фирмата е од Охрид и е истата фирма која ги набавила клупите истите клупи кои се поставени таму. Охрид и Битола не се исти и се тотално различни. И има уште една разлика, таму градоначалникот ги одблокира сметките, а во нашиот град 80 проценти од претпријатијата се со негативни завршни сметки“, рече Илиевска.

    Директорот на ЈП „Комуналец“ не даде изјава по ваквите критики и остана на ставот изнесен на Комисијата за финансии и буџет дека тој извршил само замена на старите и оштетени клупи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира