ЈАКИМОВСКИ СО НОВ МОДЕЛ НА ШТЕДЕЊЕ, НАВЕЧЕР ЌЕ ИМА СВЕТЛО ВО КАРПОШ, НО ЌЕ СВЕТИ СЕКОЈА ВТОРА СВЕТИЛКА

    ЈАКИМОВСКИ СО НОВ МОДЕЛ НА ШТЕДЕЊЕ, НАВЕЧЕР ЌЕ ИМА СВЕТЛО ВО КАРПОШ, НО ЌЕ СВЕТИ СЕКОЈА ВТОРА СВЕТИЛКАПочнувајќи од викендов ќе свети секоја втора светилка од 19.45 до 4.45 часот. (Фото: Општина Карпош)

    Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски го смени моделот на штедење струја. Од овој викенд нема целосно да се исклучува уличното светло навечер туку ќе свети секоја втора светилка.

    „По барање на граѓаните, имав средба со урбаните заедници и беше предложен нов модел на штедење односно да не се исклучува целосно светлото. Фирмата која го одржува уличното светло кажа дека постои можност да свети секоја втора светилка. Почнувајќи од викендов, светло ќе има од 19.45 до 4.45 часот“, вели градоначалникот Јакимовски.

    Поради енергетската криза сметките за струја на Општините се по трипати повисоки за разлика од претходно. Општина Карпош е прва Општина која воведе начин на штедење. Првичната одлука беше да се гаси целосно светлото после 1 часот по полноќ со што заштедата е околу 30 отсто.

    „Сметките кои биле 2 милиона денари сега ни се 7 милиони денари. Тоа се пет милиони денари плус секој месец, односно 80.000 евра. Јас, како одговорен субјект кој ја води оваа општина, имам на располагање две можности. Првата можност е да штедиме, а втората можност е да ја покачиме цената за улично осветлување, односно вие како граѓани сега плаќате по 150 денари по тарифно броило за улично осветлување, а во иднина би требало да плаќате околу 500 денари за да можеме да ги покриеме трошоците. Ако граѓаните инсистираат на таа варијанта тогаш јас сум подготвен да одиме на референдум па како ќе одлучат граѓаните така, сакаат да штедиме или сакаат сметките да бидат поголеми“, рече Јакимовски пред две недели по реакциите на граѓаните зошто Карпош е во мрак.

    Од почетокот на годинава, Општините преку Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) во неколку наврати бараа помош од Владата, велејќи дека немаат начин како да ги покријат сметките. Од Владата им порачаа дека мораат да штедат и да најдат други начини за зголемување на приходите, а не само да бараат помош.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира