Поранешната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева-Андреевска ќе биде носителка на листата на независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ на локалните избори во октомври. Листата на иницијативата утре ќе ја претстави заедно со кандидатите за советници во Општина Центар проф. д-р Дивна Пенчиќ и Јане Димески.
„Шанса за Центар“ е граѓанска иницијатива која произлезе од поврзување на иницијативата „Здравје пред профит“ (односно како што првично се викаше „Во одбрана на Дебар Маало“) со активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спортот, култура и други области, кои сакаат да го спречат натамошното уништување и да се вложат за подобрување на квалитетот на живот во Општина Центар, велат од иницијативата.
„Главна цел на ‘Шанса за Центар’ ќе биде Општината да се развие по мерка на граѓаните, каде политиките ќе се носат отворено и ќе бидат базирани на анализи и податоци. Квалитетот на живот на граѓаните ќе биде појдовен принцип на делување на избраните советници. Најважните заложби на „Шанса за Центар“ се потребите на граѓаните. Нивното право на чист воздух. Нивното право на безбедно и достоинствено урбано живеење. Учество во работата на Општината“, велат од „Шанса за Центар“.
Белчева-Андреевска лани во мај поднесе оставка од функцијата претседавач на општинскиот Совет. Тогаш рече дека за овој чекор се одлучила бидејќи не сака да биде дел од мнозинството во Општина Центар, што го има СДСМ, „кое не е спремно за прогрес и транспарентност, туку напротив дозволува назадни, ризични, конзервативни и нетранспарентни процеси“.
Таа беше носителка на советничката листата на СДСМ на локалните избори во 2017 како претставник на граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, платформа која подоцна прерасна во „Здравје пред профит во Центар“, а по оставката на чело на Советот остана да биде независен советник во Советот на Општина Центар.
Белчева-Андреевска за претседателка на Советот на Општина Центар беше избрана на 6 ноември 2017, со 15 гласа „за“ од СДСМ и со „6“ воздржани“ од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанската иницијатива „Здравје пред профит во Центар“ во 2017 ја поддржа кандидатурата на сегашниот градоначалник Саша Богдановиќ, откако тој во својата програма ги стави барањата на граѓанската иницијатива.
Од понеделник почнува собирањето граѓански потписи за поддршка на независни кандидатури за градоначалници и за советници, а ќе трае до крајот на месецов. Според Изборниот закон, во зависност од бројот на жители на Општината, треба да се соберат од 100 до 450 потписи. За Центар, како општина со над 45.000 жители, ќе треба да се соберат 250 потписи, за да бидат избрани 23 советници.