Со пари и стручен тим од Агенцијата за меѓународна поддршка на Јапонија ќе се пошумуваат Водно, Радовиш и Велес, за да се намалат ризиците од поплави при поројни дождови и свлечишта на земјиштето.
Работата на терен ќе стартува во понеделник на првата локација во горниот тек на Радовишка река, па потоа ќе се садат дрвја на планината Водно во Скопје и околу браната Лисиче во Велес. Носител на проектот е Центарот за управување на кризи каде веќе една година десетина градежни инженери од Јапонија работеа на мапирање на теренот и изработка на план за пошумување за спречување на природни кататстрофи.
„Станува збор за проект наречен ‘Екосистемски-базирани решенија за намалување на ризици од катастрофи‘. Насочен е кон намалување на ризици од природни непогоди, пред се поројни поплави, свлечишта, ерозии на земјиште и шумски пожари. Целта на проектот е преку употреба на екосистемски-базирани решенија да се намалат силните влијанија од овие непогоди, преку пошумување, во комбинација на минимални градежни зафати, како изградба на потпорни ѕидови. Ќе се садат посебни видови садници кои имаат големи корени“, вели Стевко Стефаноски од Центарот за управување со кризи кој е национален координатор на проектот.
На првата локација во Радовиш, во горниот тек на Радовишка река, било утврдено дека падините се голи и секој дожд со голема брзина се слива во коритото на реката што предизвикува поплави. На Водно ќе се пошумува делот кон новиот пат што се отвора за Сончев град. Третата локација е браната Лисиче во Велес, каде околината е без шума па наноси од реката Тополка го полнат езерото, а со тоа се намалува капацитетот за снабдување со вода на градот.
„Од она што го видовме на терен изминатава година мислам дека од трите локации Водно е со најголем ризик при поројни дождови да дојде до катастрофи од поголеми размери. Според нашите анализите Водно е најтешка локација на која ќе се работи бидејќи е карпест дел, речиси и да нема земја. Таму ќе се прават зафати со нанесување на земја која ќе се носи од надвор за да се создадат услови да се создаде шумска вегетација. На пошумувањето ќе се работи во наредните 4 години бидејќи не станува збор само за садење дрвја туку и одредени градежни зафати кои ќе го намалат ризикот од катастрофи“, вели Тору Инада дел од тимот од Агенцијата за меѓународна поддршка на Јапонија.
Јапонската помош за реализација на овој проект изнесува 2 милиони евра.
А. АНТЕВСКА