ЈАС ИМАВ СРЕЌА, НО НЕКОЈ МОЖЕ ДА ЗАГИНЕ, ВЕЛИ 35-ГОДИШНИОТ КУМАНОВЕЦ ВРЗ КОГО НА ПЛОШТАДОТ ПАДНА РЕШЕТКА ОД ОЛУК

    ЈАС ИМАВ СРЕЌА, НО НЕКОЈ МОЖЕ ДА ЗАГИНЕ, ВЕЛИ 35-ГОДИШНИОТ КУМАНОВЕЦ ВРЗ КОГО НА ПЛОШТАДОТ ПАДНА РЕШЕТКА ОД ОЛУК35-годишниот Фуркан од ударот доби повреда на главата и ногата. (Фото: СДК.МК)

    Фуркан Ф. (35) од Куманово пред неколку дена беше повреден на Градскиот плоштадот во Куманово, откако решетка од олук на зграда падна врз него. Од ударот доби повреда на главата и ногата, но по укажаната лекарска помош е пуштен на домашно лекување. Сега чувствува силна болки од хируршката интервенција на челото, исто како и во вратот, расечната аркада, окото и на петата, но вели дека тоа не е толку страшно во однос на она што можело да се случи.

    „Животот ми даде втора шанса, сум имал век да останам жив. Сега кога размислувам што сè можело да се случи, повеќе се плашам отколку во моментот кога се случи несреќата. Можев да добијам фатални повреди. Апелирам до надлежните да ги поправат старите згради и куќи низ градот, бидејќи може многу лесно некој да  настрада“, вели Фуркан.

    Тој кажува дека во неделата навечер седел со пријатели во едно од кафулињата на Градскиот плоштад и околу 20.40 часот тргнал да си ја земе колата од паркингот каде го чекала сопругата и детето. Додека поминувал покрај зградата не слушнал никаков звук, туку само почувствувал удар во главата. Кога се освестил видел дека е облеан во крв и над него стоеле луѓе кои го посипувале со вода.

    „Во прв момент не знаев за што се работи. Луѓе од блиското кафуле ми пружаа помош. Беа потресени, викнаа Брза помош. Ми кажаа дека паднала решетка и ме повредила. Дојде и полиција и го затвори местото. Кога ме однесоа во болница, хирургот кој ми ја шиеше раната ми кажа дека сум имал голема среќа, да ме удрела решетката  на темето или на вратот би останал на место мртов или инвалид за цел живот“, кажува Фуркан, кој е особено благодарен на луѓето кои му пружиле прва помош и покажале голема хуманост.

    Од угостителскиот објект потврдуваат дека Фуркан во сета несреќа, сепак имал среќа, бидејќи металната решетка кој паѓала од голема височина пред да урди во него паднала на кровот на дуќанот.

    „Се ублажи ударот, инаку да паднеше со целата тежина врз него и ќе го разнесеше, се плашам и да помислам што можеше да се случи“, вели нашиот соговорник.

    Сопствениците на дуќаните околу Занаетчискиот дом кажуваат дека од старата и оштетена фасада на зградата постојано отпаѓаат парчиња малтер и бетон, а пред пет години паднало толку голема плоча која ја оштетило конструкцијата на кровот на шивачката работилница, а двајца вработени биле повредени. Тогаш на зградата е залепена минијатурна табла дека претставува опасност, која е незабележителна.

    „Ништо не преземаа. Ставија жолта лента да не поминуваат граѓаните, ама по извесно време некој ја тргна. Нам ни кажаа да ги тужиме станарите, бидејќи зградата е нивна. Овде е многу прометно проаѓаат и се играат мали деца. Треба под итно да се реши овој проблем додека не е доцна, ќе загине некој“, велат нашите соговорници.

    Од СВР Куманово во понеделникот соопштија дека екипа извршила увид на местото на настанот, а повреденото лице било пренесено во ЈЗУ Општа болница Куманово за укажување лекарска помош и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

    Од Општина Куманово велат дека согласно Законот за домување, одржување на заедничките простории на простории во станбени објекти е во надлежност на самите станари, преку избрани станбени домари. Тие додаваат дека овој проблем ќе се решава во судска постапка и во овој случај Општината нема надлежност ниту одговорност за несреќата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира