ЈСП „СКОПЈЕ“ ЌЕ ИЗНАЈМУВА ВЕЛОСИПЕДИ

    ЈСП „СКОПЈЕ“ ЌЕ ИЗНАЈМУВА ВЕЛОСИПЕДИВеќе трета година во Скопје не се изнајмуваат велосипеди оти сите се искршени.(Фото: СДК.МК)

    ЈСП „Скопје“ го презема проектот за изнајмување на велосипеди од ЈП „Градски паркинг“. Град Скопје ќе му даде субвенции од еден милиони денари на претпријатието за поставување на пунктови и набавки на велосипеди.

    „Град Скопје уште во минатото започна со проект за изнајмување на велосипеди. Заради модернизација на проектот, се јавува и потреба од отворање на нови пунктови каде што ќе може да се изнајмуваат велосипед на принципот на самоизнајмување. Со спојувањето на велосипедите и јавниот градски превоз би се постигнала брзина слична на автомобилите а велосипедот е тој кој ќе овозможи превоз од врата до врата. Со ова се претпоставува дека на тој начин ќе се постигне повисоко ниво на мобилност и безбедност во превозот а со тоа би ги намалило штетното влијание на автомобилите на градската сообраќајна мрежа и околина“, се вели во образложението на градоначалникот Петре Шилегов во одлуката за доделување субвенции која треба да се изгласа на седницата на Советот на Град Скопје во вторник.

    Веќе трета година во Скопје не се изнајмуваат велосипеди. Проектот, кој беше воведен од Град Скопје во 2010 во времето на градоначалникот Коце Трајановски со цел да се поттикнат граѓаните да го користат велосипедот како превозно средства, не функционира. Сите велосипеди кои Градот ги купи или ги доби како донација се искршени или украдени, па затоа проектот е стопиран.

    Изнајмувањето велосипеди од 2010 до 2016 го вршеше градското јавно претпријатие „Градски паркинг“. Велосипед се изнајмуваше на неколку локации каде паркинзи има претпријатието и чинеше 10 денари од час.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари