ЈУГОХРОМ НЕМА ДА ПРОРАБОТИ ДОДЕКА ФИЛТЕР СТАНИЦАТА НЕ БИДЕ ЦЕЛОСНО ИЗГРАДЕНА

    ЈУГОХРОМ НЕМА ДА ПРОРАБОТИ ДОДЕКА ФИЛТЕР СТАНИЦАТА НЕ БИДЕ ЦЕЛОСНО ИЗГРАДЕНАМенаџментот на фабриката вели дека сега ќе се градат филтер станици на само две печки, со што се обезбедува 55 отсто од производството на Југохром.- Вицепремиерот Кочо Анѓушев од денешната посета на фабриката (Фото: СДК.МК)

    По одлуката на Владата да обезбеди кредит за „Југохром“ за доизградба на филтер станицата во кругот на фабриката тетовските екологисти обвинија дека повторно се работи за некаква манипулација и дека филтер станицата нема никогаш да биде изградена.

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при денешната посета на „Југохром“ ги кажа условите под кои фабриката доби кредит за доизградба на филтер станицата.

    „Фабриката беше изгасната во ноември 2016 година, значи точно пред две години. Тогаш никој не зборуваше за градење филтер станица. По подолги разговори со сопственичката структура на ‘Југохром’ дојдовме до решение дека филтер мора да се изгради за да биде заштитена животната средина и од тоа нема отстапување. Уште тогаш рековме дека прв услов за да дадеме помош е сопственикот прво да ги ангажира сопствените средства. Кога добивме доказ дека тој инвестирал, ја подготвивме програмата и ги дадовме средствата. Овој кредит даден на ‘Југохром’ ќе биде со комерцијална камата, а државата е соодветно обезбедена со хипотекарни покритија. Со оглед на цените на феросилициумот на светските берзи увидовме дека компанијата може профитабилно да работи. Лично сум среќен што се најде решение за овој долгогодишен горлив проблем“, рече Анѓушев.

    Тетовските екологисти од движењето „Еко Герила“ бараа објаснување како филтер станицата која требаше да чини 12 милиони евра, сега ќе се гради само со 1,5 милиони евра, колку што „Југохром“ ќе добие кредит од Владата.

    „Вкупниот проект на сите три филтер станици ако се градат на сите печки во фабриката чини 12 милиони евра и тоа се три независни сегменти. Оваа филтер постројка, која сега се гради чини 4,2 милиони евра. Ние досега од сопствени средства инвестиравме 1,8 милиони евра, со кои ја исплативме металната конструкција на ‘ФАКОМ’ од 800.000 евра и дел се уплатени за опрема за постројката. Со кредитот од Владата, добиен преку Македонската банка за обнова и развој, ја затвoриме финансиската конструкција од околу 80 отсто. Останатите средства нашиот сопственик гарантира дека ќе ги вложи во текот на наредните 5-6 месеци, кога се планира да се заврши изградбата на филтер станицата. Оваа филтер станица ќе биде наменета само за двете најголеми печки и кои прават 55 проценти од вкупниот капацитет на фабриката. Останатите печки ќе проработат кога и на нив ќе се изградат другите филтер станици. Ова значи дека враќањето на луѓето на работа ќе почне наскоро, бидејќи интензивно се гради. До Нова Година планираме да се вратат 150 луѓе, а со конечната изградба на филтер станицата и рестартирањето на фабриката да се вратат околу 550 работници“, рече Васко Скендеровски, извршен директор на „Југохром“.

    Според предвидувањата овие две печки на„Југохром“ би требало да почнат со работа некаде во јуни следната година, а за барањето на вработените фабриката да работи паралелно со градбата на филтер станицата, Анѓушев беше дециден:

    „Фабриката нема да почне да работи без да ги задоволи еколошките стандарди“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира