Работниците од Југохром по трет пат откако е затворена фабриката во ноември минатата година, го блокираа автопатот Скопје-Тетово кај наплатната рампа Желино. Со денешниот протест тие сакаат да извршат дополнителен притисок пред утрешната средба која, раководството на Југохром и синдикатот, ќе ја имаат со премиерот Емил Димитриев, а на која тие бараат да се пролонгира рокот за изградбата на филтерите за прочистување на воздухот и Југохром повторно да стартува со работа.
„Досега на нашето барање Југохром да профолжи со работа немаме добиено никаков одговор. Затоа продолжуваме со протестите и со блокадите на автопатот. Од утрешната средба со Премиерот Димитриев и од одлуката што ќе се донесе ќе зависи судбината на над 700 вработени на Југохром. Ако не добиеме позитивен сигнал дека Југохром може да продолжи со работа, тогаш сите ние ќе останеме без работа. Платата за јануари ни касни па во прашање доаѓа и здравственото осигурување на работниците“ изјави Бајрам Амити претседател на синдикалната организација на Југохром.
Југохромци посочуваат дека во овој период загадувањето на воздухот е значително намалено па затоа бараат да се искористи ваквата состојба, Југохром да добие дозвола за работа, и паралелно додека работи фабриката да се гради и филтер станицата. Тие очекуваат, ако почне сега да се гради, таа да биде завршена до ноември, пред почетокот на поинтензивното загадување на воздухот кое се случува во зимскиот период.
И овој пат работниците на Југохром добија поддршка од синдикатот на СИЕР.
„Металургијата во Македонија е во многу лоша состојба поради блокади на границите, штрајк на железницата, а со неработењето на Југохром уште повеќе се зголемуваат штетите за македонското стопанство“ изјави Маре Анчева претставник на СИЕР.
Блокадата кај патарината на автопатот Тетово-Скопје траеше два часа а Југохромци најавуваат дека ваквите протести ќе продолжат и понатаму се додека не се реши нивното прашање.