СО КАБЕЛ ВЛЕЧЕЛЕ СТРУЈА НА ВЕЛИГДЕН ЗА ЦРКВАТА ВО ВРАТНИЦА, ОТИ ТРАНСФОРМАТОРОТ БИЛ УКРАДЕН

    СО КАБЕЛ ВЛЕЧЕЛЕ СТРУЈА НА ВЕЛИГДЕН ЗА ЦРКВАТА ВО ВРАТНИЦА, ОТИ ТРАНСФОРМАТОРОТ БИЛ УКРАДЕНКрадците украле бакар вреден околу 8.000 денари, а штетата на трансформаторот е 360.000 денари (Фото: СДК.МК)

    Малку недостасуваше жителите на село Вратница, Полошко Велигден во црквата „Св. Константин и Елена“ да го дочекаат без струја. На две недели пред големиот верски празник, крадци целосно го оштетиле трансформаторот кој ја напојува црквата со струја, па објектот неколку денови останал без струја. Селаните по веста за кражбата брзо се организирале и со помош на ЕВН поставиле електричен кабел до црквата, па велигднеското славје се одржало без пречки и со големо присуство на жителите од ова село.

    „Трансформаторот од црквата беше украден, но за една недела успеавме да спроведеме струја до црквата. За Велигден во црквата имаше струја. Навистина засега напонот е нешто послаб, но заедно со ЕВН после празников и тоа ќе го решиме“, вели Јовица Томовски од Црковниот одбор.

    Манастирската црква посветена на „Свети Константин и Елена“ во Вратница е изградена на темелите на мошне стар црковен објект кој во минатото бил целосно разрушен. Црквата е возобновена со доброволни прилози на вратничани, а е осветена во 2012 (Фото: СДК.МК)

    Кражбата се случила ноќта помеѓу 19 и 20 март. Од увидот што тогаш го направила тетовската полиција, било констатирано дека крадците првин ја свртиле безбедносната камера која се наоѓала на столбот од трансформаторот и го исклучиле алармниот систем на предната страна од манастирот. Потоа се искачиле на бетонската бандера на која бил поставен трансформаторот, го спуштиле на земја и од него одзеле повеќе бакарни елементи во вкупна тежина од триесетина килограми, а другите елементи од трансформаторот ги расфрлале наоколу. Од столбот, исто така, извадиле и одзеле и 6 бакарни проводници. Трансформаторот бил целосно уништен без можност за поправка. Според проценката, украдениот бакар вредел околу 8.000 денари а причинетата штета на трансформаторот изнесувала 360.000 денари.

    „Секторот за внатрешни работи Тетово интензивно работи на расветлување на тешката кражба на делови од трансформаторот преку кој со електрична енергија се напојувал манастирот ‘Свети Константин и Елена’ во тетовското село Вратница. Активностите се во поодмината фаза, но уште не се целосно заокружени, односно кражбата не е докрај расчистена и финализирана со соодветен поднесок“, вели портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    Од ЕВН Македонија најавуваат дека проблемот набрзо ќе биде целосно решен.

    „Екипите на ЕВН Електродистрибуција уште пред велигденските празници се погрижија да воспостават стабилно снабдување со електрична енергија на корисниците кои се снабдуваат од трафостаницата која е во сопственост на МПЦ во село Вратница. Планирано е за 1 недела а најдоцна за две недели, корисниците да добијат нов трансформатор“ се вели во писменото соопштение од службата за контакти со јавноста на ЕВН.

    Манастирската црква посветена на „Свети Константин и Елена“ во Вратница е изградена на темелите на мошне стар црковен објект кој во минатото бил целосно разрушен. Црквата е возобновена со доброволни прилози на вратничани, а е осветена во 2012. Таа се наоѓа надвор од селото и бидејќи нема други објекти во близина во кои живеат луѓе, таа била лесна цел на крадците непречено да ја извршат кражбата без да бидат забележани од некого.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира