КАПЕЛАТА НА ГРОБИШТАТА ВО ТЕТОВО СТАВЕНА ВО ФУНКЦИЈА ПЕТ ГОДИНИ ПО ИЗГРАДБАТА

    КАПЕЛАТА НА ГРОБИШТАТА ВО ТЕТОВО СТАВЕНА ВО ФУНКЦИЈА ПЕТ ГОДИНИ ПО ИЗГРАДБАТАПоради неисправност на комората каде што треба да се чуваат телата на починатите, капелата пет години беше вон употреба (Фото: СДК.МК)

    Капелата на православните гробишта во Тетово конечно е предадена во употреба. Почна да се гради уште во 2015, беше завршена во 2018, но поради техничка неисправност на комората каде што треба да се чуваат телата на починатите, цели пет години стоеше вон употреба.

    Од ЈКП „Тетово“, кое раководи со градските гробишта, велат дека сите неправилности се отстранети и капелата сега е во функција. Назначени се и две фирми кои ќе бидат задолжени за пренесување на починатите до капелата.

    „По пријавувањето и констатирањето на смртта кај починатиот од страна на Итната медицинска помош, семејството или блиските роднини можат да се јават во една од двете овластени фирми, кои треба да ги преземат посмртните останки и да ги донесат до капелата. Телата се положуваат во разладната комора до чинот на погребувањето. Во капелата има пет места во разладната комора, како и место за облекување и изложување на покојникот и две чекални. Пред капелата има и паркинг“, информира Мирослав Симоски, раководител на одделението за православните гробишта при ЈКП „Тетово“.

    По осум години чекање, тетовци ќе можат на цивилизиран и достоинствен начин да се простат од најблиските. Досега, починатите до закопот се чуваа во нивните домови.

    Сега останува Општина Тетово да го реши проблемот и со гробиштата во село Фалише, каде што се погребуваат починатите од Тетово бидејќи на градските гробишта во градот веќе нема слободни места. Општината во повеќе наврати соопштуваше дека ќе одвои средства за да се доуреди просторот во Фалише, кој е крајно запуштен, но досега речиси ништо не е направено. Исто така, тука треба да се изгради и црковен објект во кој ќе се извршуваат верските погребни обреди.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира