КАПЕЛАТА ВО ТЕТОВО 17 МЕСЕЦИ ЧЕКА ДА СЕ ИСПРАВАТ ГРЕШКИТЕ ВО ИЗВЕДБАТА, ПОВТОРНО ЌЕ СЕ РАСПИШУВА ТЕНДЕР ЗА ДООПРЕМУВАЊЕ

    КАПЕЛАТА ВО ТЕТОВО 17 МЕСЕЦИ ЧЕКА ДА СЕ ИСПРАВАТ ГРЕШКИТЕ ВО ИЗВЕДБАТА, ПОВТОРНО ЌЕ СЕ РАСПИШУВА ТЕНДЕР ЗА ДООПРЕМУВАЊЕВо меѓувреме, почнаа да паѓаат и делови од фасадата, па најверојатно и за тоа ќе треба да се обезбедат дополнителни средства за санација. (Фото: СДК.МК)

    Капелата во Тетово 17 месеци не е предадена во употреба ниту пак се отстранети грешките во проектирањето и градбата.

    „Пред капелата да биде комплетно пуштена во употреба направени се консултации со црковните служби во Општина Тетово и со советничките групи кои имаа неколку забелешки во врска со капелата. Сепак, ова е еден капитален проект за граѓаните од православна вероисповед и секако треба да е комплетиран без било какви пропусти кои ќе се решат пред пуштање во употреба. Веднаш пристапивме кон регулирање на тие забелешки и очекуваме до април месец истата да биде целосно пуштена во употреба. Станува збор за ситни технички работи кои за да се отстранат но, како и да е, април месец би бил терминот за нејзино пуштање во употреба“,  рече во јануари 2021 тогашната градоначалничка на Општина Тетово Теута Арифи оправдувајќи го доцнењето на предавањето во употреба на капелата на православните гробишта во Тетово.

    А тие „ситни технички работи“ всушност претставуваа целосно промашување во проектирањето на капелата, бидејќи комората каде треба да се чуваат телата на починатите додека не се изврши погребот е целосно погрешена. Направена е толку мала што во неа не може да се остави ниту една полица на која треба да се положи телото на починатиот.

    Сега, новиот градоначалник на Општина Тетово Билал Касами најавува дека капелата конечно ќе биде завршена, а за тоа најави распишување на тендер за отстранување на грешките во проектирањето и изградбата.

    „Овие денови ќе се отвори процедура за распишување тендер за доуредување на капелата и се надеваме кога ќе се завршат сите тие процедури брзо ќе биде пуштена во употреба“, изјави градоначалникот Касами.

    Со одлука на Советот на Општина Тетово, капелата започна да се гради во октомври 2015. Градежните работи траеја повеќе од три години и конечно беа завршени во 2018. Потоа се чекаше 2 години за внатрешно да се опреми, за во февруари 2020 капелата да биде предадена на управување на ЈКП „Тетово“. Но, досега капелата уште не е ставена во функција сега поради погрешно проектираната комора. Во меѓувреме, почнаа да паѓаат и делови од фасадата, па најверојатно и за тоа ќе треба да се обезбедат дополнителни средства за санација.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира