Македонски железници – Инфраструктура ноќеска го расчисти одронот на камења, кој беше на пругата Велес – Градско, на излезот од Велес. Пругата е проодна за возови од 22,20ч и сообраќајот е нормализиран. Од велешката Железничка станица додаваат дека на делницата каде беа карпите, поради превентива, возовите возат со намалена брзина. Најмногу штета од одронот трпеше товарниот железнички сообраќај, бидејќи возовите стоеја а со тоа се плаќаа и пенали, парични казни кон нарачателите, заради задоцнувањето.
За тоа време се бара решение како да се отстранат огромните карпи, кои се наоѓаат на регионалниот пат Велес и Градско, на излезот од градот, кај месноста Долни Дуќани.
Општина Велес испрати допис до Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. И двете институции одговорија писмено, при што посочија дека немаат капацитети и можности за отстранување на карпи – одрони со овие димензии. Помош се бара од Градежниот факултет – во кабинетот по геомеханика и во Централата на Дирекцијата за заштита и спасување во Скопје.
Карпите паднаа од карпата наречена ,,Цуцка,, поради што регионалниот пат Велес- Градско е затворен за сообраќај и се пренасочува преку автопат.
П.ПЕЧКОВ