КАРТА ЗА ИСЕЛУВАЊЕ ОД МАКЕДОНИЈА ПРЕД СПОМЕНИКОТ ФИЛИП ВТОРИ ВО БИТОЛА

    КАРТА ЗА ИСЕЛУВАЊЕ ОД МАКЕДОНИЈА ПРЕД СПОМЕНИКОТ ФИЛИП ВТОРИ ВО БИТОЛА

    Импровизиран скенер за метал како оној на аеродромите, редица куфери и симболична авионска карта потпрена на споменикот на Филип Втори постави академскиот сликар Никола Славевски во центарот на Битола. Ова беше политички ангажирана инсталација во јавниот простор која укажа на егзодусот што ѝ се случува на Битола со иселувањето.  Авторот вели дека целта е кога вниманието на јавноста е насочено кон наводна одбрана на државата од некаква виртуелна закана, на дневен ред да се постават суштинските проблеми.

    „Делото е критика на тврдењето дека елитата која владееше ја штити земјата додека резултатите го покажуваат спротивното. За какво штитење може да зборува кога ги довела младите во состојба нивната иднина единствено да ја гледаат надвор од земјата? Не е возможно да зборуваме за некаква одбрана кога младите се иселуваат масовно, а тоа ја загрозува иднината на оваа земја“, вели Славевски.

    Вториот дел од композицијата е голема импровизирана авионска карта поставена пред Филип Втори (Фото: СДК.МК)

    Инсталацијата се состои од скенер изработен од стиропор, а обложен со фолија како имитација на метал, додека куферите се вистинити. Редицата со куфери почнуваше од грбот на Битола (амблем поставен од Општината на плочникот на Широк Сокак) кој го асоцираше градот, па кон скенерот.

    Вториот дел од композицијата е голема импровизирана авионска карта поставена пред Филип Втори. На местото патник на англиски пишува млади, заминување – колку што е можно побрзо, а како компанија е наведена „Independent MKD Airlines“.

    „Картата ја поставивме пред споменикот на Филип Втори како контраст на културниот инженеринг кој  го направи политичката елита. Картата која е артикулација на желбата на младите ја претставува иднината која пропаѓа, бидејќи младите се иднината на оваа земја. Ја претставува негрижата на елитата за иднината и опсесивноста со минатото“, вели уметникот Славевски, кој воедно е и член на Левица.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари