КАЗНЕТИ ВОЗАЧИ КОИ СО КОЛИ И МОТОРИ ГО УНИШТУВААТ НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНА

    КАЗНЕТИ ВОЗАЧИ КОИ СО КОЛИ И МОТОРИ ГО УНИШТУВААТ НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК ШАР ПЛАНИНАСо коли и мотори, несовесни посетители на Националниот парк Шар Планина ја уништуваат природата во зоните на  паркот (Фото: СДК.МК)

    За неколку месеци десетина прекршители кои возеле во строго заштитените реони на Националниот парк во близина на Љуботен, Караниколичко Езеро, Кобилица и Добродолска куќа биле санкционирани, велат од Јавната установа „Национален парк Шар Планина“.

    Возачите биле санкционирани од страна на Националниот парк во соработка со Државниот инспекторат за животна средина.

    Според Законот за заштита на природата, движењето со моторни возила во природа е забрането освен во населени места и на оние места каде веќе има изградено патишта, додека за движење со моторни возила во рамките на Националните паркови постои одреден режим.

    „Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, на територијата на Национален парк Шар Планина нема определени површини на кои се вршат тест-возења, крос, спортски возења и слично. Забраната за движење на сите видови патишта, уредени патеки и полигони за возење во заштитените подрачја се уредува со одлука за режим на движење која ја донесуваат субјектите задолжени за управување со заштитеното подрачје“, соопштуваат од НП Шар Планина.

    Во НП Шар Планина е воспоставен режим на движење со цел да им овозможи мир на дивите животни, заштита на природата и ресурсите во приватна сопственост како и за уживање на љубителите на природата. За оваа цел направена е и карта на кои е воспоставен режим на движење.

    „Патиштата на кои е воспоставен режим на движење се претставени на карта, која е подготвена во согласност со Планот за управување со Националниот парк и Законот за заштита на природата. Движењето со моторни возила во зоната на одржливо користење и заштитниот појас е дозволено по сите постоечки патишта. Движењето со моторни возила во зоната на активно управување е дозволено само по патиштата на кои е воспоставен режим на движење со исклучок за моторните возила со кои локалните жители стигнуваат до своите имоти или бачила“, велат од од Националниот парк.

    Во зоната на строга заштита со претходно обезбедено одобрување од националниот парк, локалните жители можат непречено да се движат со моторно возило кон својот имот или бачило, иако се наоѓа на пат на кој е забрането движење на моторни возила.

    З. АНДОНОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира