ЌЕ ИМ ДОНЕСЕМЕ СРЕЌА НА СКОПЈАНИ, ВЕЛАТ КАНДИДАТИТЕ ЗА ОЏАЧАРИ НА ПРВАТА ОБУКА НА ГРАД СКОПЈЕ

    ЌЕ ИМ ДОНЕСЕМЕ СРЕЌА НА СКОПЈАНИ, ВЕЛАТ КАНДИДАТИТЕ ЗА ОЏАЧАРИ НА ПРВАТА ОБУКА НА ГРАД СКОПЈЕВо средното училиште „Здравко Цветковски“, десет кандидати кои се пријавија на огласот на Град Скопје во моментов ја следат теоретската настава, а откако ќе ги научат основите ќе почнат и со практична настава и вежби (Фото: М. Златевска)

    Како се чистат оџаци, која опрема се користи, како најбезбедно треба да се постават оџачарите, каква е конструкцијата на оџаците, е само дел од теоријата која деновиве ја учат кандидатите за оџачари на обуката која за првпат ја организира Град Скопје. Во средното училиште „Здравко Цветковски“, десет кандидати кои се пријавија на огласот на Град Скопје во моментов ја следат теоретската настава, а откако ќе ги научат основите ќе почнат и со практична настава и вежби.

    „Неопходно е оваа проблематика да биде регулирана со закон, да се формираат оџачарски служби. Не може граѓаните сами да си спуштаат ѓуле од горе до доле низ оџаците и да мислат дека завршиле работа. Тоа е неправилно чистење“, вели професорката Јасмина Атанасова Симјаноска, која е прва лиценцирана оџачарка кај нас (Фото: М. Златевска)

    Кандидатите за оџачари во работилницата во училиштето која за оваа обука специјално е опремена со оџаци, печки и опрема за чистење за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека изминативе часови научиле многу, дека оваа професија не е толку едноставна и со нетпрение ја очекуваат практичната настава кога ќе можат да се качат на крововите на куќите и да ги чистат оџаците на скопјани.

    „Ќе им донесеме среќа на скопјани. Постои мислење дека оџачарот носи среќа, па ние ќе бидеме тие кои ќе донесеме среќа во домовите на нашите сограѓани. Сите сме невработени лица и кога слушнавме за огласот на Град Скопје за оџачари се пријавивме. Жално што сме само 10 кандидати, што нема повеќе интерес“, ни рекоа кандидатите пред почетокот на часот.

    Меѓу десетте кандидати за оџачари има и една жена. Педесетгодишната Розана Ивановска Конеска која на шега ни рече дека иако е женско многу поубаво ќе ги чисти оџаците од нејзините колеги.

    „Не се двоумев ниту малку дали да се пријавам. Станува збор за возбудлива работа. Јас постојано одам по планини и искачувам врвови па нема да ми биде страв и проблем да се качувам по кровови. Не би можела да се издржам да работам канцелариска работа. Оваа професија е постојано во движење и возбудлива“, ни рече Розета.

    Меѓу десетте кандидати за оџачари има и една жена, 50-годишната Розана Ивановска Конеска на шега ни рече дека иако е женско многу поубаво ќе ги чисти оџаците од нејзините колеги.(Фото: М. Златевска)

    Часовите на кандидатите за оџачари ги држат две професорки од средното училиште „Здравко Цветковски“, Лида Трајковска градежен инжинер и Јасмина Атанасова Симјаноска, која е првата жена кај нас која има диплома за оџачарка добиена во Загреб.

    Теоретската обука на кандидатите трае 50 наставни часа, 185 часа ќе имаат практична настава и 15 часа за проверка на знаење односно полагање испит. За време практичната обуката, бесплатно ќе бидат исчистени 100 оџаци, а заинтересираните домаќинства можат да се пријават во Инфо-центарот на Град Скопје. За да го добијат сертификатот кандидатите ќе полагаат писмени тестови, а потоа следи завршниот тест односно ќе добијат локација до која треба сами да стигнат, таму ќе треба да се постават соодветно со нивниот алат и безбедно да го исчистат оџакот.

    Професорките велат дека на кандидатите на првиот час им кажале дека најважно во оваа професија е да имаат желба, да не се плашат од висина и од пожар.

    „Во Загреб имав формално образование како оџачар, слушав предавања, одев на вежби, на пракса по кровови, мерев отпадни гасови. Сега тоа знаење им го пренесувам на кандидатите. За жал, кај нас со закон не е дефинирано да се прави контрола на отпадните гасови,  да се чистат оџаците, односно оџачарството да биде во улога на заштита на животна средина. Во разговор со градоначалникот Петре Шилегов инсистирав на формирање на оџачарски служби. Неопходно е оваа проблематика да биде регулирана со закон. Не може граѓаните сами да си спуштаат ѓуле од горе до доле низ оџаците и да мислат дека завршиле работа. Тоа е неправилно чистење. Не може 1. 500 денари да ни биде скапо да дадеме за чистење. Потреба е да ги формираме тие оџачарски служби како комунална услуга и секој да мора еднаш годишно да има потврда дека му е исчистен оџакот од лиценцирана фирма“, вели Атанасова Симјаноска.

    Првата лекција која им ја додовме е како да се постават кога се качуваат на кровот. Најважно е да знаат дека не треба да се врзат за оџакот оти тој може да се откорне и да се скрши“, вели професорката Лида Трајковска (Фото: М. Златевска)

    Во моментов во земјава немаме ниту еден лиценциран оџарач. Постојат фирми кои кубурат со кадар, а и лицата кои работат се само приучени оџачари. Како што вели професорката Атанасова Симјаноска, на Скопје му требаат најмалку 150 оџари.

    „Не можеме со 10 оџачари да имаме чисти оџаци, а да се заложуваме за чиста животна средина. Има неколку фирми во градот но нема кадар. Фирма која во текот на обуката соработува со нас е спремна да ги вработи сите 10 кандидати“, додава Симјаноска.

    „За да се биде оџачар прво трба да се има желба, да не се плашат од висина и пожар. Првата лекција која им ја додовме е како да се постават кога се качуваат на кровот. Најважно е да знаат дека не треба да се врзат за оџакот оти тој може да се откорне и да се скрши“, вели професорката Лида Трајковска.

    Кандидатите за оџачари за време на практичните часови ќе добијат и оџачарска облека.

    „Какви оџачари ќе бидеме ако немаме црна оџачарска облека со копчиња. Кај нас нема кројачи за оџачарска униформа. Од Загреб научив дека капа-цилиндер носи само мајстор на оџачари, а бројот на копчиња покажува колку искуство има оџачарот“, вели Јасмина.

    Кандидатите за оџачари за време на практичните часови ќе добијат и оџачарска облека, а од Град Скопје основни материјали за отворање сопствен бизнис (Фото: М. Златевска)

    Со цел афирмирање на оваа професија од која според нашите соговорнички може одлично да се заработи од оваа учебна година во средното училипте „Здравко Цветковски“, ќе биде воведен и отсек оџачарство. Директорката Атина Томовска вели дека лани ги добиле сите дозволи за отворање на овој нов отсек во школото но немало интерес, биле пријавени само двајца кандидати. Таа се надева дека годинава ќе има поголем интерес и дека за прв пат ќе биде формирана паралелка за оџачари.

    За време на обуката секој кандидат од Град Скопје добива паричен надомест од по 9.000 денари месечно. По завршувањето, покрај сертификат, кандидатите ќе добијат и основни материјали за отворање сопствен бизнис.

    Градоначалникот Петре Шилегов на стартот на овој проект најави дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот, со цел што повеќе домаќинства да ангажираат лиценцирани оџачари за чистење на нивните оџаци, што ќе доведе до намалување на загадувањето.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира